Силјановска Давкова – Власта преку петте потпретседатели ќе вдоми луѓе од коалиција, политички пазар кој што ќе го плаќаат граѓаните
Вчера пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Гордана Силјановска Давкова гостуваше во емисијата „Заспиј ако можеш“.
При своето гостување посочи дека понекогаш човек има чувство дека министрите се луѓе кои што се поблиски до владата, од што до пратениците, и до парламентарниот дом кој што меѓу останатото има и контролна функција. Но исто така не може во ек на економска криза да се бираат пет потпретседатели во Собрание, тоа претставува непотребен трошок за самата земја.
-Ние инсистираме да не дојде до понижување на парламентарниот дом. Јас од говорница му се заблагодарив на претседателот на Комисијата, што инсистираше и што на крајот министерот се појави на самото заседавање на Комисија. Бидејќи местото на министерот е меѓу пратениците да ги сослуша, а не да бега од Комисии, истакна Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова додаде дека до 2016-тата година тројца се бирале потпретседатели на Собрание.
-Инаку оваа одредба е од Законот за Парламентот. Но уште на ставањето на точката на дневен ред мнозина од нас реагираа дека апсолутно во една од најсиромашните земји нема потреба од пет потпретседатели. Се разбира тоа што во предлогот на Претседателот пишува дека треба да гласаме за пет потпретседатели не мора да значи дека ќе бидат избрани пет. Ама, мислам дека е добро и во предлогот да стоеја помалку, нагласи Силјановска Давкова.
Таа посочи дека ако може една Швајцарија со два потпретседатели, зошто да не може и Македонија.
-Што е тука проблемот? Ако ги видите активностите на минатите потпретседатели, апсолутно нема потреба тоа. Тие се рутински. Една пратеничка ги наведе задачите на потпретседателите и тие се состојат од типот на средби со амбасадори, учество на расправи, на конференции и сл. Само во прашање е статусен симбол, но не е она што е најважно, во прашање е всушност вдомување на луѓето од коалиционите партнери во една игра која се вика политички пазар и која што ја плаќаат граѓаните, рече Силјановска Давкова.
Пратеничката појасни дека пет потпретседатели значи расфрлање со народни пари за ништо, наместо да им се помогне на граѓаните.