Воведени ограничувања за угостителските објекти
По регистрирањето на над 600 нови случаи на инфицирани со Ковид-19 во изминативе три дена, Владата синоќа ги прифати мерките што ги претходно ги препопрача Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат забрана на гостување на пејачи и ограничување на јачината на музиката и на бројот на гости во угостителските објекти.
– Тоа значи дека повеќе нема да има гостување на пејачи и ди-џеи во угостителските објекти. Потсетуваме повторно дека дискотеките и ноќните клубови немаа, односно во ниту еден момент не добија дозвола за работа. Понатаму се намалува дозволената јачина на звукот на 55 децибели за да се одржи препорачаната дистанца и се намалува бројот на лица коишто седат на една маса од 12 на 4 лица, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Комисијата за заразни болести, вчера и предложи на Владата, со цел намалување на растот на новозаболени од Корона, да донесе одлука за забрана за гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, за ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и за намалување на бројот на луѓе кои може да седат на една маса во угостителски објект од сега дозволените 12 на четири.
Покрај ова ќе се инсистира на стриктно почитување на точка 3 од Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и од Протоколот за отворање и работа на кафетериите, со која не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.
Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната.
Филипче оцени дека ваквите мерки се апсолутно оправдани и дека сега е добар период кога треба да се имплементираат.
Државниот пазарен инспекторат само во саботата, спроведе над 100 контроли низ целата држава и притоа кај 19 субјекти изрече казни за непочитување на здравствените протоколи и други прекршоци. Конкретно, седум субјекти организирале свадби и тоа во Струга (1), Тетово (2) и Скопје (4). Кај осум субјекти е констатирано непочитување на здравствените протоколи, односно во Струмица (2), Скопје (5) и Битола (1).
Поради непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, вчера бил приведен и управителот на барот „Мош“. Конкретно, лицето организирало музички настан – концерт каде што помеѓу гостите не се почитувало дозволеното растојание од 1,5 до 2 метри и повеќето лица не носеле заштитни маски на лицето, и не биле исполнети и други одредби од пропишаните здравствени протоколи.
Поради ваквите појави министерот за здравство посочи дека една од можните мерки, понатаму е и ограничување на работа на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз, како и мерката за носење маски на отворено.
Од друга страна, министерот Филипче вели дека ја следат ситуацијата и понатаму доколку треба има план и за дополнителни рестрикции ако тоа биде потребно, посочувајќи дека зголемениот притисок или мини бран е очекуван и го најавувале, како есенски бран, по завршување на годишните одмори.
Според него, за други рестриктивни мерки би размислувале во подоцнежните есенски месеци, кога се очекува и појава на сезонскиот грип, настинки поради студеното време, како и зголемена загаденост на воздухот.