Четири деца, еден компјутер: Македонско семејство поминува голгота рецепт за изгубена школска година
Четири деца, еден лаптоп и 2 гига телефонски интернет, вака ќе учат децата на Санде и Јасмина Стојанови од светиниколското село Каратманово. Он-лајн наставата дополнително му создав проблеми на ова десетчлено семејство кое едвај врзува крај со крај.
Минатата година од училиштето им дале лаптоп, но Санде прашува како четири деца истовремено ќе следат настава.
Нивната сторија ја пренесува телевизија АЛФА:
„Додека разговаравме, бевме сведоци на телефонски повик од страна на наставник на едно од децата, кој бараше ученикот веднаш да се приклучи на платформата. Најстарото дете, средношколка неколкупати се обиде, но безуспешно“, објави телевизијата.
-Имаме и еден компјутер ни го дадоа добри луге. Има дефект, треба да се поправи. Ама интернет немаме. Денес прашав, ми велат 1000денари месечно, од каде да ги дадам. Ако наредниот месец не платам , ќе ме исклучат, па потоа со извршители ќе си имам работа, изјави Санде Стојанов, татко на осум деца.
Стојанови своите осум малолетни деца одвај успеваат да ги прехранат. Месецот го крпат со околу 10.000денари помош од државата, скромната помош ја надополнуваат аргатувајки по тугите ниви.
-Ако денес некаде работам и земам 1000денари веднаш ги давам за леб. Струја и вода да се плати и од социјалното ни останува минимално, како за една вреќа брашно. Сега овој период сите одиме да работиме и децата одат на нива. Берат тутун, а ги викаат и на гроздобер. Многу е тежок животот, вели Стојанов
Пред две години Алфа ја објави потресната приказна за тешкиот живот на ова многудетно семејство кое е заборавено од властите.
Санде тогаш бараше да го вработат, за да може да си ги израснат дечињата. И по две години работите не се променети.. Нивниот лелек го слушнаа граѓаните , но не и властите.