Вработената во градинка заразена со корона e аларм дека Филипче ги отвори неподготвени градинките
Вчерашниот случај во кој негувателка во битолска детска градинка беше регистрирана како позитивна на Ковид-19 е аларм и доказ дека властите тотално неподготвени влегоа во процесот на отварање на градинките.
Иако најавата на министерот за здравство Венко Филипче дека градинките ќе се отвораат без претходен скрининг на вработените, наиде на силни критики дека ваквото отварање е „на среќа“ без никаква гаранција за децата, негувателките и нивните семејства, тоа сепак се случи, а последиците од тоа јасно се гледаат после вчерашниот случај.
Во овој случај во Битола, по спроведеното епидемиолошко истражување, за пет деца од градинката, три воспитувачки и две негувателки е даден предлог до здравствено-санитарнииот инспекторат за ставање под здравствен надзор и домашна изолација во траење од 14 дена од контактот со позитивното лице. Ова само укажува на тоа колкава штета може да се нанесе од избрзаното отварање на градинките без претходни испитувања и обезбедување на потребните информации со цел да се добие целосна слика па оттука да се влечат заклучоци за идните постапки.
Дополнителен доказ за тоа дека властите немаа обезбедено услови за децата безбедно да се вратат во градинките беше и изјавата која родителите беа принудени да ја потпишат при запишување на нивните деца во градинките. Во оваа изјава меѓу другото, стоеше и дека градинката не може да даде гаранција дека нивните деца нема да заболат од Ковид-19.
По сето ова и несериозниот пристап на властите кон овој деликатен проблем, останува само да се надеваме дека случајот со негувателката позитивна на корона вирус во Битола нема да се повтори и на други места.