Децата се повеќе во kaзино и kлaдилницa отколку во школо
Дури 69 проценти од учениците на возраст од 13 до 20 години играле игри на среќа, а најголем дел од нив почнале со играње игри на среќа на 14-годишна возраст.
Најголем процент од девојчињата играат лото, а најголем број од машките се обложуваат во спортска обложувалница, а потоа следуваат играње на слот машини, казино и покер.
Вакви се резултатите од истражувањето во кое учествувале 4.000 ученици, а евалуирани се одговорите на 3724 ученици од Битола, Гевгелија, Прилеп, Тетово, Штип, Струмица, Куманово и Велес. Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Не се клади со животот“, поддржан од програмата Цивика Мобилитас, Здружението на социјални работници на град Скопје заедно со своите партнерски организации.
Најголем број од анкетираните ученици или 29% одговориле дека играат лото, а 25% се обложуваат во спортска обложувалница, 4 – 7% играат во казино, на слот машини и покер што зборува за предизвикот кај младите да играат игри на среќа. Овој податок е уште позначаен ако се има во предвид дека станува збор за млади на возраст од 13 до 20 години – се наведува во истражувањето.
Oд анализата, за одбележување е податокот дека 19% од испитаните ученици во средните училишта играат игри на среќа помалку од еднаш месечно, а еднаков е процентот од 7% кои играат најмалку еднаш месечно и скоро секој ден. Дека младите многу често покажуваат интерес за игри на среќа покажува и податокот дека 8% од испитаниците на средношколска возраст играат игри на среќа еднаш неделно.
Од анкетата радува податокот дека 87% од средношколските испитаници одговориле дека при играње игри на среќа не употребуваат алкохол, таблети, дрога или цигари, но загрижува податокот дека 6% одговориле дека тоа го прават понекогаш, а 4 % од испитаниците при играње игри на среќа често употребуваат цигари, алкохол, дрога или таблети. Овие податоци укажуваат на потребата од едукација за превенција од болести на зависност кај младите – се вели во истражувањето.
Што се однесува на влијанието на врсничката група, во истражувањето 24% од испитаниците се изјасниле дека го чувствуваат влијанието на врсничката група во изборот дали да играат игри на среќа, што е значајно за спроведување на превентивните активности помеѓу младите за влијанието на врсничката група во болестите на зависност.
Значаен податок е дека 74% од испитаните средношколци свесни се за ризикот од играње на игри на среќа, а 23% не знаат и не се свесни за последиците од спортско обложување и останати игри на среќа. Овие резултати се значаен индикатор за потребата за подигнување на нивото на информираност и едукација за избор на одговорно играње на игри на среќа и за познавање со проблемите поврзани со проблематичното играње на игри на среќа – се наведува в извештајот.
Интересен податок е и дека 43% од испитаниците на возраст од 13 до 20 години се изјасниле дека нивните родители знаат за нивното играње игри на среќа, а 12% не се сигурни дали нивните родители знаат дека играат игри на среќа.
Овие податоци се значајни за подигнување на свесноста кај родителите за интересот на нивните деца за играње на игри на среќа. Воедно, 25% од анкетираните ученици одговориле дека родителите би го одобриле нивното играње на игри на среќа, а 21% дека не знаат дали би го одобриле. Овие податоци упатуваат дека родителите не оставаат јасна порака кон децата за нивниот став за играњето игри на среќа – се вели во истражувањето.
Помеѓу средношколците, кај 14% од испитаните се забележува нов тренд на прославување на значаен момент со посета на казина и играње игри на среќа, а 14% одговориле дека практикуваат да трошат средства од својот дневен џепарлак што исто така претставува сериозен проблем за социјалниот живот на младите.
Дали играњето игри на среќа за средношколците претставува обид за бегство од досада?
И покрај тоа што најголемиот број од испитаниците, 64%, одговориле дека бегството од досада не им претставува мотив за играње игри на среќа, 21% одговориле дека играњето игри на среќа за нив е обид за бегство од досада, а 11% , “не знаат“, што е сериозен податок за надминување на досадата со играње на игри на среќа.
Најголем процент на средношколци од машки род кои играат игри на среќа се од градовите: Гевгелија, Штип и Битола, додека женските најмногу играат игри на среќа во Прилеп, Битола и Струмица. Најмал процент и на машки и на женски се од Тетово.
Постои незначителна разлика помеѓу машките и женските на средношколска возраст кои играат игри на среќа, што претставува сериозен проблем за еднаквата заинтесираност за оваа појава.