Серафимовски ги посети земјоделците погодени од невремето во струмичкиот регион
Партнерството со земјоделците подразбира институциите да бидат присутни на терен и да дејствуваат координирано кога нивниот труд и производството се загрозени, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, при денешната посета на селата Дабиље и Пиперово во струмичкиот регион, каде што невремето предизвика штети врз градинарските култури.
Министерот Серафимовски, заедно со градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, ги обиколи погодените земјоделски површини во Дабиље, а со градоначалникот на Општина Василево, Славе Андонов, и површините во Пиперово. Земјоделците ги запознаа министерот и градоначалниците со штетите врз градинарските култури и пластениците, како и со последиците врз тековното производство и очекуваните приноси.
„Зад секоја оштетена градинарска култура стојат многу работа, знаење и вложување. Затоа внимателно ги слушаме земјоделците и врз основа на точни информации да добиеме целосна и реална слика за обемот на последиците што невремето ги остави врз производството“, истакна министерот Серафимовски.
Во разговорите со градоначалниците Јанков и Андонов беа договорени натамошните координирани активности со локалните самоуправи во двете општини, неопходни за спроведување на постапките за евидентирање, процена и надоместување на штетите.
„Нашата обврска е земјоделците да не останат сами кога временска непогода го загрозува нивниот труд и производството. Институциите мора да бидат присутни, достапни и одговорни. Треба да бидеме вистински партнери со земјоделците во текот на целиот процес“, порача министерот Серафимовски.
Во услови на сè почести климатски ризици, министерот Серафимовски ги повика земјоделците редовно да ги следат известувањата и предупредувањата на Управата за хидрометеоролошки работи, како и специјализираната веб-платформа „Агрометео“, на која се достапни временски и агрометеоролошки прогнози и податоци значајни за планирањето на активностите и навременото преземање превентивни мерки.
Comments are closed.