Детали за убиството во Летевци: Ја удавил, телото го сокрил под гранки, на пријателите им рекол дека му дошла на сон и му кажала од каде да ја спаси
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 51-годишен маж, кој е осомничен за убиство на неговата сопруга при вршење семејно насилство.
Според обвинителството, трагичниот настан се случил на 25 јуни во атарот на селото Летевци. Осомничениот вечерта ја земал сопругата од нејзиното работно место, по што со автомобил ја однел на тешко пристапен терен. Таму физички ја нападнал и, според наводите, со силен притисок врз нејзиниот врат, додека истовремено ѝ ги држел затворени устата и носот, ја лишил од живот.
Жената се обидела да се одбрани, но не успеала да се ослободи и починала на местото на настанот од задушување.
По извршувањето на делото, осомничениот го сокрил телото под гранки меѓу дрвјата, а наредниот ден во полиција пријавил дека сопругата исчезнала. Два дена подоцна, на тројца познаници им кажал дека знае каде се наоѓа жената, тврдејќи дека таа му се појавила во сон и му открила каде да ја пронајде. Заедно се упатиле кон локацијата, каде било забележано телото, по што случајот бил пријавен во полиција.
Јавниот обвинител оцени дека постои опасност осомничениот да избега, да влијае врз сведоци или да го повтори делото, имајќи ги предвид тежината и начинот на извршување на кривичното дело, како и обидите за прикривање на трагите и создавање алиби.
Поради тоа, до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Comments are closed.