Историски успех на македонската тенисерка Лина Ѓорческа – се пласираше на Вимблдон
Македонската тенисерка Лина Ѓорческа испиша историја и за првпат обезбеди пласман на главниот турнир на Вимблдон.
Тетовчанката успешно го мина и третото квалификациско коло, откако во Лондон убедливо ја совлада Италијанката Лусија Бронцети со 2-0 во сетови (6-1, 6-2) за само еден час и 15 минути игра.
Со овој успех, Ѓорческа стана првата македонска тенисерка која се пласирала во главната ждрепка на еден од четирите Грен слем турнири. Најблиску до ваков подвиг беше во 2017 година на Австралија опен, кога беше запрена во последното квалификациско коло.
Во дуелот против Бронцети, македонската тенисерка доминираше од самиот почеток. Иако го загуби првиот гем на свој сервис, потоа направи три брејка и лесно го доби првиот сет со 6-1.
Во вториот сет Италијанката имаше можност за пресврт, но Ѓорческа успеа да спаси осум брејк-топки во вториот гем. Потоа направи брејк и целосно ја презеде контролата, а со уште еден одземен сервис во седмиот гем го трасираше патот кон историската победа и конечните 6-2.
На патот до главниот турнир на Вимблдон, Ѓорческа ги елиминираше Фита Болуда од Шпанија, Хорхе од Португалија и Лусија Бронцети од Италија.
Comments are closed.