Филипче: СДСМ се држи до суштината – правда наместо привилегии, солидарност наместо страв

СДСМ останува доследен на суштинските вредности на социјалдемократијата, правда наместо привилегии, солидарност наместо страв и поддршка за обичниот човек, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање на 32 програмски Конгрес на партијата „Твоја држава-твоја шанса“.
Филипче потенцираше дека најважни се темелите и принципи врз кои е изградена социјалдемократијата и јасна определба за политики што ќе обезбедат еднакви шанси, социјална правда и достоинствен живот за граѓаните.

„СДСМ се држи до суштината на социјалдемократијата: правда наместо привилегија, солидарност наместо страв, фер оданочување наместо товар врз трудот, силни институции наместо партиска држава и европска иднина наместо националистичка магла“, рече Филипче.

Во своето обраќање, Филипче нагласи дека социјалдемократијата е идеја што го става човекот во центарот на политиките и се грижи за оние на кои им е најпотребна поддршка.

„Социјалдемократијата е длабоко човечка идеја. Таа почнува од едно едноставно, но големо убедување: дека државата не постои за силните да станат уште посилни, туку за послабите да не останат сами. Дека слободата без еднаква шанса е привилегија. Дека пазарот без правила станува џунгла. Дека профитот без одговорност станува алчност. Вистинската социјалдемократија не ја мери државата по висината на говорницата, туку по висината на платата, по правото на лекување, по квалитетот на училиштето, по достоинството на пензионерот, по сигурноста на работникот, по шансата на младиот човек да остане дома не од инает, туку од надеж. Таа не верува во милостина, туку во праведност“, рече претседателот на СДСМ.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK