Николоски: Два нови директна лета кон охридскиот аеродром, Македонија се отвора кон Полска
Два нови директни лета до охридскиот аеродром, до Макеоднија кои ќе значат многу повеќе патници, туристи, повеќе луѓе за бизнис и отвореност кон светот.
-Утрово слета првиот лет од Броцлав, Полска, целосно нова дестинација која никогаш претходно не оперирала во Македонија. На 9 јуни ќе слета лет од Катовице, исто така од Полска. Со ова охридскиот аеродром целосно се отвора кон Полска. Отвораме две значајни рути кои ќе значат дека полските туристи ќе можат да го посетат охридскиот регион, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски при денешната посета на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Додаде дека од оваа недела повторно почнуваат летови од Белград до Охрид и Истанбул-Охрид.
Минатата година, Македонија ја надмина бројката од 3 милиони патници.
-Реков дека е добро во следните две до три години да стигнеме до бројката од 3 ипол милиони патници, но со ова темпо ние оваа година ќе стигнеме до таа бројка. Ќе си поставиме нова цел, за неколку години да стигнеме до 4 милиони патници што мислам дека е врв за нашите два аеродроми имајќи предвид дека бројот на патници во тој случај ќе го надмине бројот на жители на земјата, посочи Николоски.
Првиот лет од Броцлав до Охрид пристигнал утрово во 07:55 часот со околу 200 полски туристи кои биле пречекани со традиционалниот охридски специјалитет ѓомлезе.
Директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт истакна дека до крајот на јуни, охридскиот аеродром ќе има 8 авиокомпании кои ќе сообраќаат од 17 дестинации, од кои 14 редовни и сезонски и 3 чартер авио линии.

-Сите овие настани придонесоа скопскиот и охридскиот аеродром да бидат препознаени како најбрзо растечните аеродроми во Европа, признание кое го добивме пред само неколку дена од Меѓународниот совет на аеродроми за Европа. Македонија во моментов е еден од најбрзорастечките воздухопловни пазари кои се надвор од ЕУ, но во рамки на европското географско подрачје, при што забележан е раст од 31 процент во патничкиот сообраќај за првите пет месеци, нагласи Курт.
Додаде дека додека многу европски пазари се соочуваат со стагнација или пониски стапки на раст, Македонија постигнува раст во двоцифрен број и рангирани сме меѓу водечките воздухопловни пазари во регионот, пред Албанија и Молдавија.
Курт најави дека и во иднина ќе се работи на проширување на мрежата на дестинации на двата македонски аеродроми, како и со развој на аеродромската инфраструктура.
Comments are closed.