МВР ги истражува свирежите за македонската химна и националистичките испади на финалето Силекс-Шкендија и веењето странски знамиња на протестот во Скопје!
„СВР Скопје презема соодветни мерки и активности за утврдување на околностите и казнување на прекршителите на јавниот ред и мир на фудбалскиот натпревар“, велат од МВР.
Полицијата постапува и за случувањата на студентскиот протест на 18 мај 2026 година во Скопје, на кој се бараше правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик, но со националистичка реторика, извици „УЧК, УЧК“ и без истакнување на државното знаме во сооднос со знамињата на странски држави, односно албански, американски и знамиња на Европската Унија.
„СВР Скопје презема соодветни мерки и за случувањата на протестот одржан на 18.05.2026 година по што ќе следуваат соодветни поднесоци“, посочуваат од ресорното министерство. На завршниот натпревар на Купот меѓу Силекс и Шкендија се случија сериозни инциденти на трибините. Навивачите на Шкендија не станаа за време на исполнувањето на химната на Македонија, а од трибините одекнуваа силни свирежи.
Во текот на натпреварот беа скандирани и навредливи и националистички пароли, меѓу кои „ФФМ пе*ери“ и „United Albania“, а беа фрлани и топовски удари кои завршуваа на тартан-патеката на Националната арена „Тодор Проески“.
Инаку, дисциплинската комисија на Фудбалска федерација на Македонија, по разгледување на службените извештаи и официјалните информации поврзани со финалниот натпревар од Купот на Македонија меѓу ФК Силекс и ФК Шкендија, ги донесе следните одлуки:
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради непочитување на националната химна, исвиркување на истата и нестанување при нејзиното интонирање од страна на навивачите на клубот.
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради користење пиротехнички средства во текот на целиот натпревар (34 големи бакљи, 19 мали бакљи, 8 топовски удари, 14 дветлечки бакљи).
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради националистичко скандирање.
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради истакнување знамиња со навредлива и недозволена содржина, како и истакнување на знаме со нацистичка содржина за што веќе беа санкционирани од УЕФА.
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради скандирања со навредлива содржина кон ФФM.
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради одбивање да ги примат медалите, како и поради недоличен и деградирачки однос на фудбалерите и официјалните лица на клубот за време на церемонијата по завршувањето на натпреварот.
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Силекс АД поради националистички извици и употреба на пиротехнички средства.
Фудбалска федерација на Македонија изразува сериозна загриженост и разочараност од однесувањето на дел од актерите на натпреварот, особено од постапките на раководните луѓе на ФК Шкендија и фудбалерите кои директно го нарушуваат угледот на македонскиот фудбал и достоинството на едно финале кое треба да биде празник на спортот.
ФФМ вложи максимални организациски напори натпреварот да помине во фер, спортска и достоинствена атмосфера, со високи безбедносни и организациски стандарди. Наместо тоа, јавноста беше сведок на недолично и неодговорно однесување кое не смее да има место на фудбалските терени.
Недозволиво е раководни структури и поединци, наместо да придонесуваат за смирување на тензиите, да создаваат атмосфера на поделби, провокации и континуирано барање алиби за сопствените неуспеси, неспособност и незнаење.
Парите и богатството не значат имање спортска и општа култура. Фудбалот и спортот воопшто бараат почит, одговорност и фер-плеј, а не провокации, навреди и поттикнување недолично однесување.
Комисијата утврди дека со однесувањето на претставниците на ФК Шкендија е изразен директен презир кон Фудбалска федерација на Македонија како организатор и носител на натпреварувањето, преку омаловажување на официјалниот протокол и институцијата која го организира натпреварувањето.
Истовремено, со одбивањето да се учествува во церемонијата за доделување медали, беше покажано непочитување и кон противничката екипа, бидејќи ваквото однесување претставува фактичко непризнавање на резултатот и омаловажување на постигнатиот спортски успех.
ФФМ оценува дека последното соопштение на ФК Шкендија е целосно неприфатливо, неосновано и во очигледна спротивност со утврдената фактичка состојба, со содржина која претставува навреда за здравиот разум и интелигенцијата на спортската јавност.
Фудбалска федерација на Македонија останува цврсто определена во намерата доследно да ги санкционира сите облици на недолично однесување, без разлика на клуб, поединец или функција.
Comments are closed.