Нефи Усеини и брат му спроведени во притвор
Охридскиот советник Нефи Усеини и неговиот брат, Ибро Усеини се приведени и спроведени во осум дневен притвор, поради нападот на нивниот сограѓанин, Спире Топалоски, дознава „А1он“.
Полицијата не можеше да ги пронајде изминативе шест дена, а неофицијално, сега сами се пријавиле во полициска станица. На нив, судот им ја изрече оваа мерка поради можноста за повторување на делото, влијание на сведоци и бегство.
Ова не е прв инцидент во кој учествувал советникот Нефи Усеини. Усеини во април минатата година спречи инспектор да изврши увид на дивоизградената тераса кај Чинарот, а притоа и му се заканувал. Обвинителството отвори предмети два месеца потоа, односно неколку дена пред Усеини да го натепа советникот во Општина Охрид, Џемал Мена, среде седница.
Охридскиот советник е ослободен од еден случај, за физичкиот напад на професорот Илјаз Илјази кој беше натепан пред неговото престојувалиште во Охрид. Обвинителството кажа дека не знае за настанот, односно не добило пријава од СВР Охрид.