Филипче: Пендаровски е изваден од контекст, СДСМ не е мртва партија

Претседателот на СДСМ Венко Филипче изјави дека коментарите на поранешниот претседател Стево Пендаровски се погрешно интерпретирани и извадени од контекст, нагласувајќи дека тој дава поддршка за политиките на партијата.

„Изјавата на Пендаровски е од пред неколку недели, а и не е таква каква што се претставува, извадена е од контекст. Тој дава максимална поддршка на тоа што го правиме во партијата“, рече Филипче.

Тој оцени дека станува збор за координирана кампања против него и СДСМ, која, според него, доаѓа од медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа е силна кампања на про-вмровските медиуми, агитатори и се занимаваат со СДСМ. Ако ние сме мртва партија, зошто 90 отсто од кампањата е против мене лично со навреди и несоодветни зборови?“, праша Филипче.

Лидерот на СДСМ тврди дека партијата бележи раст и дека разликата со владејачката партија се намалува.

„Не само што не е мртва партијата, туку разликата помеѓу нас и нив сега е падната на 1,25“, рече тој.

Филипче посочи и дека СДСМ секојдневно објавува случаи на корупција.

„Секојдневно објавуваме скандали, коруптивни скандали и тендери кои водат до луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Ова е најкорумпирана Влада во Европа. Затоа прават црна кампања со мене и СДСМ“, изјави Филипче.

На прашањето што конкретно било извадено од контекст во изјавата на Пендаровски, тој кратко одговори: „Прочитајте ја изјавата, ќе видите“.

Претходно, Пендаровски оцени дека владејачката коалиција го изгубила мнозинството од гласачите, но и дека СДСМ не успеал да го канализира тоа незадоволство.

„Кога не успевате тоа да го направите, рецептите во светот се јасни – или ја менувате политичката стратегија и пристапот кон граѓаните, или носите нови луѓе кои ќе знаат да допрат до различни слоеви од гласачкото тело“, изјави Пендаровски.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK