„Бабичката е спасена“: Жители на Камчатка ископаа тунел до куќата на пензионерка целосно затрупана од снегот

На социјалните мрежи се појавуваат голем број видеа од Камчатка, која деновиве е погодена од силни снежни врнежи, коишто буквално покриваат цели згради.

Во едно такво видео е објавено како жители на Камчатка ископале тунел низ снегот за да стигнат до куќата на пензионерка, целосно затрупана со снег до покривот.

На снимката, луѓето велат дека откако завршиле со копање тунел до вратата, планираат да направат скали и да и помогнат на бабичката во палењето на шпоретот.

Камчатка целосно е парализирана поради обилните снежни врнежи. Колку е сериозна ситуацијата покажува фактот што снежните наноси достигнуваат и до петти кат од зградите. Улиците се претворени во вистински лавиринти, постои опасност од мразулци и лавини во самите населени места, а за жал има и човечки жртви.

Градските служби работат непрекинато за да воспостават барем минимална нормалност, но во одредени моменти количината на снег била толку голема што жителите не можеле да ги отворат вратите од своите домови. Некои биле принудени да излегуваат преку прозорците – доколку воопшто можеле да ги отворат, бидејќи снежните наноси достигнувале и до петти кат.

Пронаоѓањето на автомобил станало речиси невозможна мисија, бидејќи возилата се целосно затрупани под снег. Метеоролозите наведуваат дека за само неколку дена наврнала количина снег која вообичаено паѓа за неколку месеци.

Главната причина за оваа незапаметена снежна бура е ударот на силни пацифички циклони кои го зафатија овој регион.

 

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK