Се урива нова дивоградба во Гази Баба: Градоначалникот најавува нулта толеранција кон бесправното градење
Општина Гази Баба утрово започна акција за уривање на новоизграден бесправен објект, откако сопственикот продолжил со градежни активности и покрај издадено решение за запирање на изградбата. Акцијата е спроведена во координација со МВР и надлежна фирма за рушење, а локалната власт најавува дека нема да прави компромис со тие што го кршат законот.
„Станува збор за објект кој се градеше бесправно, а во моментот на интервенцијата беше во приземје – карабина фаза“ – објаснува на својот профил на Фејсбук градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски.
„И покрај издадено решение од градежен инспектор, стопирање на градбата и затворање на градилиштето, субјектот продолжил со градежни активности, со што директно го прекрши Законот. Акцијата започна во 05:00 часот наутро, по претходна координација со МВР и фирмата задолжена за рушење.
Дополнително, беше спречена изградба на уште два нови објекти, кои беа во почетна фаза – ископани темели, на истата локација, веднаш до објектот што се рушеше“ – пишува градоначалникот Стефковски.
Тој во својата објава апелирадо сите граѓани да го почитуваат законот и да не започнуваат со градење без соодветно одобрение од општината, зашто како што наведува „компромис нема да има“.
Во рок од седум дена ова е втора акција за рушење на дивоградба во Општина Гази Баба.
Comments are closed.