Ниеден од обвинетите за „Пулс“ не призна вина, газда Деко низ солзи: „Седам во четири ѕида и секој ден ја преживувам кобната ноќ“
Рочиштето започна со доцнење, но веднаш донесе тензии и целосно негирање на вината од страна на сите 35 обвинети. Ниту еден од нив не призна вина.
Најдраматичниот момент се случи кога за збор се јави првообвинетиот, сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко. Тој низ солзи пред судијката и семејствата рече дека девет месеци е затворен во четири ѕида и секој ден ја преживува кобната ноќ.
Јованов се обиде да се поистовети со болката на родителите, велејќи: „И ние во нашата фамилија имаме починато и повредено лице, ја носиме истата болка“.
Сепак, ова предизвика револт кај родителите во публиката кои му дофрлија: „Ништо ти не знаеш!“.
„Не можам да поверувам што се случи. Јас како човек и родител каде што се собираа сите млади и моите деца зар би бил способен да дозволам да фали нешто. Зарем сериозни мислите дека ако сум знаел дека фали нешто, не би презел се, за да се отклони навреме“, вели Дејан Јованов.
Сликите во судницата беа потресни – еден од преживеаните се појави со преврзана глава, сѐ уште лекувајќи ги раните, додека се соочуваше очи в очи со обвинетите.
„Од срце и од душа сакам да изразам сочувство до сите фамилии што имаат починати, а на повредените оздравување. Затоа што ја знам нивната болка и тага, затоа што и ние во нашата фамилија имаме починат и повреден член“, додаде тој.
Во одбраната го спомена и неговиот син Михајло, кој е обвинет во предметот. „Мојот син Михајло е обвинет бидејќи тој немаше никакви обврски и активности ниту пак допринел кон тоа што се работеше на клубот. Тој имаше негова фирма за дистрибуција, си ги работеше неговите работни обврски со неговата фирма и си беше нормален гостин како и сите“, рече Јовановски.
Со денешното изјаснување на првообвинетиот продолжува судскиот процес за утврдување на одговорноста за најголемата трагедија од ваков вид во земјата.
Comments are closed.