Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги разреши Стоилев и Стоиловски од партиските функции – Почнаа подготовките и за редовниот конгрес

Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа го разреши Илија Стоилев од претседателското место во Општинскиот Комитет во Свети Николе, по случајот на злоупотреба на средства во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Исто така е разрешен и Гоце Стоиловски од претседателската позиција во ОК во Македонска Каменица.

Ова денеска го соопшти партијата заедно со информацијата дека почнале подготовките и за претстојниот редовен Конгрес кој ќе се одржи на 6 декември во Кавадарци.

Како што е соопштено, донесена е одлука за избор на 800 делегати кои ќе учествуваат и одлучуваат на Конгресот. Генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски е овластен да ја утврди конечната листа на делегати согласно статутот на ВМРО-ДПМНЕ.

На седницата е формиран и организациски одбор кој треба да го подготви Конгресот.

На Централниот Комитет, соопшти партијата,  се анализирани и резултатите од последните локални избори на кои ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и историски висока победа што претставува одговорност за работа и постигнување на резултати и ветеното пред граѓаните.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK