Касами уверува дека изјавата за Кичево била погрешно протолкувана
Билал Касами за ТВ Алсат се произнесе и околу коментарите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со разрешувањето на Хаќим Рамадани, директор на државниот Инспекторат за локална самоуправа, кој е и кандидат за претседател на општина Брвеница. Касами нагласи дека не стои зад Хаќим Рамадани, бидејќи тој предизвика етничка поделба во Брвеница. Ова го пренесе информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.
Порталот ја пренесе изјавата, што ја даде Касами во овој контекст: „Изјавите на овој кандидат се негови лични изјави, ние, како коалиција Вреди, јасно го искажавме нашиот став. Во општина и во мултиетничка заедница не би помислил дека етничката поделба е најдобрата стратегија. Не треба да се приклучуваме кон етничките поделби, туку треба да се обединиме околу нашата визија, за изградба и развој. Затоа, во овој случај ги оценувам ставовите на кандидатот за претседател на на општина Брвеница како негови ставови. Јас, како градоначалник на општина Тетово, кој ги претставува сите граѓани, во овој случај и македонските, ромските и турските заедници, не можам да стојам зад повиците за етничка поделба.“ – рече Билал Касами за ТВ Алсат, пренесе „Алмакос“.
Тој нагласи дека Тетово, како град со космополитски карактер, е место каде секој успех и придобивка реализирани во изминатите четири години им припаѓаат и им се радуваат сите граѓани, без разлика.
Во врска со својата претходна изјава за вториот круг избори во Кичево, тој истакна дека таа е извадена од контекст и погрешно интерпретирана.
,,Треба да се има предвид контекстот и медиумот во кој беше дадена изјавата, како и околностите во кои потоа беше пренесена. Со тоа целосно се извади од нејзината првична идеја’’, вели Касами.
Тој појасни дека изјавата е дадена во момент кога, според него, политичките опоненти се обидувале максимално да ја отворат етничката карта во изборниот процес.
,,Изјавата, во моментот кога беше дадена, беше во контекст на тоа што нашите политички опоненти во овие избори се обидоа максимално да ја отворат етничката карта. Целата таа изјава, би рекол, беше искрена, но политички беше погрешно протолкувана’’, нагласи тој.
Comments are closed.