Трамп побарал Украина да се повлече од регионот Донецк како услов за завршување на војната, Зеленски го одбил

Рускиот претседател Владимир Путин, на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп на Алјаска, побара Украина да се повлече од регионот Донецк како услов за завршување на војната, пишува Financial Times, повикувајќи се на повеќе извори.

Според истите информации, Путин изјавил дека во замена за Донецк е подготвен да ја „замрзне“ линијата на фронтот на југ – во Херсонската и Запорожката област – и да се воздржи од нови офанзиви за освојување дополнителни територии.

Трамп ја пренел оваа порака на украинскиот претседател Володимир Зеленски и на европските лидери во телефонски разговор, при што ги повикал да не инсистираат на класичен прекин на огнот со Москва.

Financial Times наведува дека Путин јасно ставил до знаење дека не се откажува од своите клучни барања за „решавање на корените на конфликтот“, што фактички би значело редефинирање на украинската државност и стопирање на натамошното проширување на НАТО кон исток.

Русија моментално контролира околу 70% од Донецката област, додека западниот дел – со повеќе градови – останува под украинска контрола и претставува клучна точка за одбраната на источниот фронт.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли предлогот на Владимир Путин Украина да се повлече од Донецк и Луганск како дел од мировниот план поддржан од Доналд Трамп, објави Ројтерс. Зеленски јасно рече дека таква опција не е можна.

По средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, Трамп разговараше со Зеленски повеќе од час и половина. Лидерите на НАТО и европските земји се придружија на разговорот.

Според извор запознаен со разговорот, Трамп му пренел на Зеленски дека Путин е подготвен да престане да се бори на други фронтови ако Украина се повлече од истокот на земјата. Зеленски одбил, нагласувајќи дека нема повлекување од Донбас.

Зеленски, исто така, јасно ја отфрли можноста за повлекување од Донбас минатата недела. „Ако се повлечеме од Донбас денес – од нашите упоришта, од теренот и височините што ги држиме, јасно ќе им отвориме пат на Русите да започнат нова офанзива“, рече украинскиот претседател.

Таквиот план би бил спротивен и на предупредувањата од европските лидери дека секој мировен договор мора да го почитува територијалниот интегритет на Украина и принципот дека меѓународните граници не можат да се менуваат со сила. Таквиот предлог би барал и одобрение од украинскиот парламент.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK