Трамп го скрати рокот: Му давам на Путин уште 10 до 12 дена

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го скратува претходниот рок од 50 дена што му го дал на рускиот претседател Владимир Путин за постигнување мировен договор со Украина – на само 10 до 12 дена.

„Да, ќе поставам нов рок од околу 10 или 12 дена од денес“, рече Трамп пред новинарите додека говореше заедно со британскиот премиер Кир Стармер во неговото голф-одморалиште во Тернбери, Шкотска.

„Нема причина да чекаме“, додаде претседателот. „Сакам да бидам дарежлив, но едноставно не гледаме никаков напредок.“

Трамп повторно му се закани на Путин со воведување на секундарни царини, велејќи: „Ќе бидат тоа санкции, можеби и царини, секундарни царини.“ Тој додаде дека не сака да ѝ наштети на Русија, но очекува некаков потег. „Со здрав разум би рекле дека некој би сакал да постигне договор“, изјави Трамп мислејќи на рускиот претседател. „Ќе видиме.“

Претходно во понеделникот, Трамп изјави дека ја скратува временската рамка бидејќи „мисли дека веќе го знае одговорот“.

„Мислевме дека неколкупати сме блиску до решение, а потоа претседателот Путин повторно започнува со ракетирање некој град како Киев и убива многу луѓе, во старечки дом или нешто слично“, рече тој.

На 14 јули, за време на средбата во Овалната соба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп вети воведување строги царини на трговските партнери на Русија доколку Путин не постигне договор со Украина во рок од 50 дена.

Трамп најави дека ќе воведе 100% секундарни царини, што значи дека секоја земја што ќе продолжи да тргува со Русија ќе мора да плаќа високи давачки за да може да продава производи на американскиот пазар.

Иако Русија веќе се соочува со широки санкции од Западот, сè уште активно тргува со земји како Индија и Кина.

ZBOR.COM.MK