Џафери: Ако утре не се изгласа претседател на Собранието, значи дека лажат и немаат мнозинство!
Претседавачот на Собранието Талат Џафери денеска им дал насоки на собраниските служби за утре да подготват продолжение на конститутивната седница и избор на претседател на законодавниот дом.
Според Џафери, тоа што утре претседателот Стево Пендаровски ќе му го додели мандатот на Зоран Заев за формирање Влада, значи дека лидерот на СДСМ има мнозинство.
Во изјава за Канал 5 телевизија, Џафери, сепак, звучеше скептично дека Заев има обезбедено мнозинство.
Прашан што ако утре не се појават поголем број на пратеници, Џафери одговори:
-Тогаш тоа значи дека никој нема мнозинство. Тоа значи дека лажат. Што друго? Ако имаат мнозинство треба да дојдат во Собрание. Јас постапувам според тоа што го имам како податок. Пендаровски утре доделува мандат, тоа значи дека обезбедиле мнозинство, повелете, тоа мнозинство рефлектирајте го во Собранието, рече тој.
Ако утре не се појават пратениците и не го изгласаат претседателот, Џафери вели дека тоа ќе значи дека немаат мнозинство и дека лажат.