Бугарија почна да забранува влез на Македонците – Професорот Стојановски спречен да присуствува на собирот во Мелник
На Тихомир Стојановски, професорот на Факултетот за драмски уметности во Скопје, вчера му беше забранет влезот во Бугарија. Од документите што ги добил, може да се заклучи дека, според бугарските власти, тој претставува закана за безбедноста на оваа држава. Стојановски имал намера да присуствува на собирот на Македонците во Мелник пред споменикот на пиринскиот цар Јане Сандански во организација на македонската партија ОМО Илинден.
Во изјавата за МКД.мк Стојановски вели дека често патува во Бугарија, дека повремено учествува на собирите на Македонците во оваа држава, држи говори на овие собири, но никогаш и никаде не кажал дека Бугарите не постојат или пак искажал некакви територијални претензии.
„Напротив, сите мои говори се однесуваат на почитувањето на човековите права на Македонците во Бугарија, на заедничкото живеење, на меѓусебното почитување, на отворени граници. Некои велат дека ова е одговор на забраните за влез во Македонија за некои бугарски државјани, но тие луѓе јавно изјавуваат дека нема Македонци, дека не постои македонската држава, дека сите сме Бугари…. Јас тоа никаде не сум го рекол“, вели Стојановски во изјавата за МКД.мк.
Тој добил и два документа во кои пишува според кои членови на бугарските закони е изречена забраната.
На својот фејсбук-профил Стојановски јавно се обраќа до Министерството за надворешни работи на Македонија, до македонскиот премиер, со Советот на Европа и до бугарските политичари и вели дека не се дозволува културна размена меѓу Македонците во Македонија и Македонците во Пиринска Македонија, Бугарија.
Тој беше вратен вчера наутро од граничниот премин Даве Баир.
„Ми удрија печат со забрана чкртнат со фломастер. Имало допис од државна безбедност дека сум закана за безбедноста за Р. Бугарија. Ми дадоа да потпишам два документа и ме вратија назад, со зборови дека имам забрана за влез во нивната земја.
Сакам , да ве известам како институции кои се залагаат за ЕУ и за слободна размена на култура, да ве потсетам дека сум професор на УКИМ, Факултет за драмски уметности. Пред сѐ сум уметник, па професор. Не сум закана за безбедноста, ако заканата не е затоа што имам роднини во Софија, имам драги пријатели од ОМО Илинден и ОМО Илинден Пирин… и оти одам на нивната културна средба која треба да се одржи во недела во Мелник. Дали културата е закана за Бугарија, или само македонската култра е закана бидејќи се негира од држава членка на ЕУ, се негира македонскиот јазик, македонското постоење и Македонците во Пиринска Македонија. Мислам дека тука се крие заканата. Ова ли е таа Европа без граници која става забрана за кутурна размена. Не заборавајте јас сум педагог, и уметник, не сум војник. Зборувам за љубов, простување и признавање на Македонците, запишани како народ во Светото писмо. Им реков на службите на границата што можам да кажам како христијанин: Исус да ве укори. Тие се правдаат дека не е до нив, туку дека има допис за мене, од државната безбедност на Р. Бугарија.
Порака до бугарските политичари, признајте ги Македонците и отворете ги границите меѓу двете Македонии и отворете ги границите во вашите срца. Дали некаде на друго место во Европа се забранува културата“, прашува Стојановски.
Во недела ќе се одржи семакедонски собир пред споменикот на македонскиот револуционер Јане Сандански во Мелник, Бугарија. Ако судиме според овој случај, в недела на Деве Баир може да очекуваме издавање на уште многу вакви забрани.
Веќе со години вакви забрани за влез издава и Грција на македонски активисти кои се борат за правата на Македонците во оваа земја.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.