Истата судијка која го пресуди „Талир 2“, го ослободила убиецот на Фросина

Васил Јанев кој завчера ја усмрти младата Фросина Кулакова возејќи со 130 километри на час на булеварот партизански одреди, лани за дело неовластена трговија со наркотици бил ослободен од притвор и иако бил полнолетен кога го сторил делото му било пресудено да оди во поправен дом за малолетници. Радио Лидер ви го открива името на судијката која ја донела пресудата.

Станува збор за судијката Даниела Алексовска Стојановска, која на 31 Јули 2024 пресудила воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом во согласност со Законот за правда на децата при што ја укинала притворската мерка и Јанев се нашол на слобода. Обвинението од ОЈО било поднесено на 2 април, а МВР поднело кривична пријава само три дена претходно, откако во рација во неговиот дом пронашле над 80 паковки со амфетамин, објави порталот Лидер.мк.

Сторителот во моментот на сторувањето на делото бил полнолетен, но затоа што станува збор за помлад полнолетник него му било пресудено да оди во поправен дом. Според адвокатската фела, многу е ретко ваква пресуда да се даде на некој што бил уапсен со волкава количина на дрога.

Сепак, правниците тврдат дека судијката Даниела Алексовска Стојановска е судија со интегритет и дека е позната по тоа што сака на младите да им дава шанса и не веруваат дека станува збор за трговија со влијание или некаква корупција.

-Станува збор за судија со интегритет. Не верувам дека намерно е направен пропуст. – тврди еден од правниците со кои разговаравме.

Вистинска лавина на реакции имаше вчера откако Радио Лидер го ообјави досието на младиот Васил Јанев, кој на органите на прогонот им бил познат најмалку во последните две години. За денеска во 13:00 часот закажан е и протест.

ОЈО ја префрла одговорноста кон судот, но еве каде е нивната одговорност!
Откако вчера беше прозвано од нас, основното јавно обвинителство Скопје одговори дека тие по само три дена поднеле обвинение во 2024 година и дека за случајот со дрогата кај нив нема одговорност и истата треба да се бара во судот. За ова се целосно во право, но, во исто време одговорност има и кај апелација која пола година не одговара на нивната жалба за пресудата лицето да биде во поправен дом и со тоа овозможува тој да е на слобода.

Сепак од ОЈО ја потврдија нашата информација дека тој без возачка пред точно 2 години предизвикал сообраќајка со повреди, но тие се откажале од кривичен прогон.

-Против истото лице до обвинителството е поднесена само уште една пријава на 01.02.2023 година за кривично дело од член 297 за сообраќајна незгода случена на 04.11.2022 година во која едно лице се здобило со полесни повреди. Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел Решение со кое не се презема кривично гонење согласно чл.43 од ЗКП, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на Буџетот на РСМ. Освен ова МВР повело и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола. Други кривични пријави за лицето не се поднесени во јавното обвинителство. – стои во соопштението на обвинителството.

Останува нејасно, како е можно без возачка да предизвикате сообраќајка и да не ве гонат кривично, само затоа што оштетената страна се откажала? Кога сите знаеме дека секогаш се нудат пари на оштетените страни. Во исто време, како се откажале од кривичен прогон кога истото момче цели две години возело без положен возачки испит и за тоа било казнувано најмалку 10 пати?

Многу одговори треба да се дадат на јавноста и од ОЈО и од Основниот суд ни од апелација.

Младиот живот згасна поради судскиот систем

Редакциски коментар на Радио Лидер е дека обвинителството и судот сносат огромна вина за смртта на 22-годишната Фросина Кулакова. Овој случај не може да биде третиран како несреќа, туку станува збор за очигледно сериско прогледување низ прсти на сериозен престапник од страна на обвинителите.

Полициските службеници со жалење констатираат дека со години го апсат Васил Јованов Васо, но на крај повторно го наоѓаат на улица како прави уште посериозни дела откако е ослободуван од ОЈО Скопје и судот.

Разгалено детиште заштитено од системот, уби девојка која се борела за подобор живот. Фросина имала живот пред себе, креативната неготинчанка која дошла да студира во Скопје, можеше да биде гордост на Македонија. Наместо тоа, неа ја изгубивме поради корумпираниот судски систем. Сакаме да веруваме дека нејзината смрт не е залудна и дека ќе претставува инијална каписла за реформа на правосудните органи.

Прашање до правосудните институции кои го ослободувале Васил Јованов, но и до оние кои кај нив обезбедувале врски: Уште колку деца треба да убиете, за вашите деца да ги направите среќни?, пишува Лидер.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.