Грчкото МНР реагира што Мицкоски бара решение за „нерешеното македонско прашање“
Грчкото Министерство за надворешни работи одговори на, како што велат, вчерашните провокативни изјави на премиерот Христијан Мицкоски. Во нивното соопштение, објавено од грчките медиуми, стои дека „премиерот на С.Македонија во своите изјави во Њу Џерси, САД избра да зборува за „нерешеното“ и „постоечкото“ македонско прашање“.
-Овој настан претставува предизвик за Грција, обидувајќи се да го врати на преден план прашањето што е решено, како што е познато, дефинитивно и неотповикливо.
Грција потсетува дека понатамошниот напредок во нејзините билатерални односи со С.Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на нејзиниот сосед бара целосно почитување на Договорот од Преспа и, се разбира, воздржување од иредентистички декларации и претензии кон соседните земји, порачаа од официјалната грчка дипломатија.
Мицкоски пред македонската дијаспора во Њу Џерси изјави:
„Борбата дома е борба којашто ние ќе ја водиме, борба за подобра инфраструктура, подобро здравство, поквалитетно образование, конкурентна економија, и тоа го правиме откако сме избрани како Влада, но таа борба за еден од нај малубројните народи во Европа, не е доволна. Треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои.
Затоа е многу важна врската којашто ја има татковината со Македонците надвор, да продолжи да се засили да биде уште посилна и да биде на повисоко ниво. Затоа сакам да ве убедам и покрај сите предизвици дома и покрај сите предатори коишто не сакаат Македонија да биде успешна и да успее и внатрешни и надворешни, оваа Влада, оваа генерација ќе ги потврди Илинденските идеали и ќе го продолжи делото на Илинденците за суверена, независна и демократска Македонија којашто ќе биде најбогата на Балканот!“.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.