Помина интерпелацијата на Илире Даути – веќе не е претседателка на Комисијата за демографија и млади

Пратеничката Илире Даути е разрешена од функцијата претседател на собраниската Комисија за демографија и млади. Пратениците ја изгласаа нејзината интерпелација со 61 глас „за“ и 22 „против“.

Ова е прва од денешните интерпелации. Очекувањата се дека нема да поминат тие на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрид Исени. Опозициската СДСМ веќе најави дека нема да ги поддржи и нема да гласа.

Координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски на прес-конференција рече дека интерпелациите ќе доведат до нови поделби во општеството.

-СДСМ и Коалицијата нема да ги поддржи и нема да гласа за интерпелациите поднесени од ДУИ зашто сметаме дека нема потреба да имаме нови етнички поделби и по основ на интерпелациите. Македонското Собрание во ниту еден случај не смее да биде мегдан за поттикнување на било какви меѓуетнички тензии и основ за отворање можности за поделба меѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистини, причините за интерпелациите во ниту еден случај не смееле да бидат поврзани со етнички контекст туку да бидат единствено со аргументи и со факти за работи на одреден министер или функционер. А за жал, аргументи и факти има колку сакате за да најдете причина за било каква интерпелација, рече Спасовски.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.