Бесплатниот превоз за студентите ќе продолжи, Владата обезбеди средства

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека се обезбедени 120 милиони денари се со цел да се обезбеди бесплатен автобуски превоз за студенти за Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје. Мицкоски посочи дека претходната Влада не предвидела средства за оваа намена во оваа година.

Овие средства во разговор со министерката ги предвидовме за следната година. Претходната Влада не ги предвидела овие средства нити потпишала договор, мислам дека се тоа 120 милиони денари за следната година. Тоа е далеку од она што е потребно на ЈСП, но ние излеговме во пресрет кога требаше да се интервенира за да се обезбеди нафта за да можат автобусите да се сообраќаат соодветно и да превезуваат патници. Се што е во интерес на граѓаните ние ќе направиме, граѓаните не смеат да трпат. Во рамките на нашите ингеренции се разбира. Не смееме ни ние како Влада да излеземе надвор од нашите ингеренции бидејќи утре ќе бидеме обвинети дека ненаменски сме потрошиле пари од буџетот, истакна Мицкоски на новинарско прашање дали ќе има пренамена на средства.

Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје вчера испрати апел до Владата и Министерството за образование и наука, на владина седница да овозможат релоцирање на средства со цел продолжување на бесплатниот превоз за студентите во 2025 година.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.