Боки 13 се откажа од наградната игра на Лазаров – УЈП ќе ги чешла парите, а Лазаров ќе ги сели активностите во студио
Инспекторите на УЈП кои синоќа „упаднале“ на настанот организиран во дискотека во Штип од страна на Боки 13 и Стефан Лазаров заплениле билети за наградната игра, договори за деловна соработка, документација и пари во кеш.
Иако Боки 13 и Стефан Лазаров во неколку наврати за време на настанот од бината велеле дека не станува збор за наградна игра, фактот дека купените билети се услов за награди меѓу кои и главната награда (стан во Скопје), упатува на заклучокот дека станува збор за наградна игра за која организаторите немаат побарано ниту добиено дозвола од Министерството за финансии во согласност со Законот за приредување наградни игри.
Дискотеката во Штип не е единствената фирма која издава тикети за наградната игра којашто Боки 13 и Лазаров ја опишуваат како „историски гивавеј”. Наградната игра има јавно објавени генерални спонзори и компании кои ги доделуваат наградите.
Деновиве инаку беше соопштено дека осуденикот за случајот „Рекет”, Бојан Јовановски, затворската казна во следните 3 месеци нема да ја издржува во „Идризово”, туку на слобода, бидејќи се стекнал со инвалидитет од прв степен.
Надзорните органи на Министерството за финансии во текот на утрешниот ден најавија дека ќе спроведат соодветни контроли поврзани со наградните игри на среќа кои ги водат Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и јутјуберот Стефан Лазаров, соопштија надлежните од Министерството за финансии, а објавиКанал 5.
Во соопштението на Министерството се вели дека „наведените лица немаат доставено барање до Министерството за финансии и аналогно на тоа Министерството за финансии нема издадено дозвола за приредување наградна игра, согласно Законот за игри на среќа и забавните игри“. Воедно, заради значајниот интерес во јавноста за овој случај, в понеделник надзорните органи, во состав на Министерството за финансии, ќе спроведат соодветни контроли на оваа активност и во случај на утврдување нерегуларности, ќе се преземат соодветни мерки согласно Закон.
„Сакаме да напоменеме дека Министерството за финансии издава согласности за приредување игри на среќа согласно Законот за игри на среќа и за забавните игри, во којшто е дефинирано дека игри на среќа се игрите во кои учесниците имаат еднакви можности за стекнување добивка со посредна или со непосредна уплата на одреден износ (влог), а резултатот од играта исклучиво или претежно зависи од случајноста или од некој иден неизвесен настан во играта. Притоа посочуваме дека за наградната игра за која имате доставено прашање не е активност која се регулира со Законот за игрите на среќа, па оттаму и Министерството за финансии не е надлежно да издава согласност за приредување – Гивавеј на социјалните мрежи. Дополнително, истакнуваме дека со оглед на тоа што оваа активност станува сѐ почесто присутна на социјалните мрежи, во Министерството за финансии се разгледуваат можностите за нивна законска регулација“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.
Инаку, услов за да присуствувате, односно учествувате во доделувањето на наградите е да купите карта за некоја од гала вечерите кои ќе ги организираат Боки и Лазаров, а една е најавена за Нова година во дискотеката „Дефакто“ во Гевгелија.
Јутуберот Стефан Лазаров потврди дека вчера имало инспекција од УЈП додека го спроведувале „гивавејот“ во штипскиот клуб. Констатирале дека станува збор за наградна игра, а Лазаров не се сложува со тоа и најавува дека ќе поднесе жалба.
„Поради ново настанатата ситуација вчера и вчерашната контрола од УЈП, во која инспекторите констатираа дека е наградна игра наредните планирани настани ги откажувам, но Giveawayot продолжува и извлекувањата ќе се одвиваат од моето студио ‘Лазаров Поткаст’“, пишува Лазаров.
Тој посочи дека влезницата не била услов за учество во „гивавејот“ и наведува пример за тврдењето.
„Во наредните неколку денови ќе поднесам забелешка заедно со мојот правен тим на констатацијата од инспекторите кои со свои очи увидоа дека влезницата не е услов за учество на Giveawayot, туку е влезница за целата програма во која имаше ревии, бенд со музика, стенд ап комичар и изведувач на конги. И истите влезници се продавани од страна на Clique Cabaret за кои имаат фискални сметки. Наголем доказ за истово е момент со дечкото кој не го доби телефонот поради тоа што ja немаше лајкувано фотографијата, а со тоа не ги имаше исполнето условите за учество во Giveawayot!“, додава Лазаров.
Comments are closed.