ТЕАТАРОТ ГО ОСТАВИЛЕ ДА СЕ РАСПАЃА: Како минувале годините оштетувањата станувале поголеми, А НЕ ГО ОДРЖУВАЛЕ И САНИРАЛЕ

За жал, состојбата на објектот на МНТ е очајна. Најголемиот театар во Македонија е оставен да пропаѓа бавно, но сигурно. Ова е жално, независно од тоа кој го изградил театарот. Се работи за недомаќинско работење од страна на претходната власт, бидејќи со ова се покажува негрижа кон нашата верна публика, која е присутна секоја вечер. Нехумано и небезбедно е да влегуваат во објект кој што се распаѓа, вели директорот на МНТ, Никола Кимовски за Република

Тој смета дека проблемот настанал со тоа што не е склучен договот на тендер со фирма за одржување на објектот и како што минувале годините и оштетувањата станувале поголеми веќе ни фирмите не сакале да склучат договор за одржување.
Сега, вели, се фокусирани на реновирањето на театарот и санација, отколку на откривање и посочување со прст на виновникот на сето ова.

Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ситуацијата трае веќе веќе 7- 8 години.

Иако се знаеле позициите дека некаде капе, дека има проблем, иако имало обезбедувано средства за поправки, тоа не се случило во овие седум години. И можам да заклучам дека со тенденција се држел Македонскиот народен театар да биде во ваква очајна состојба. Тој е изграден со многу љубов, не велам дека немало пропусти при изградбата, можеби имало. Во однос на буџетот, имало години кога имале по 20 милиони денари за продукција. Во 2017 имало 14 милиони денари, а денес имаме 4 милиони денари. Можеле да се затворат тие балкони, да се застаклат и да се забрани дотокот на вода, таа е помала инвестиција. Поголемата инвестиција е во однос на штетата што е предизвикана од тоа што не било интервенирало на време и затоа ќе одиме фаза по фаза, рече Љутков, кој вети дека ќе се врати сјајот на институциите.

Во 2019 година актерот Тони Михајловски го критикуваше одржувањето на театарските објекти низ Македонија и напомена дека „се распаѓа и зградата на Македонскиот народен театар“ на кејот на Вардар во Скопје.

Новата зграда на МНТ се распаѓа заради неспособност за одржување на високите стандарди кои се поставија во технологијата која ја поседува, а следна слична е во Виена. Културата ни се распаѓа, напиша тогаш Михајловски на својот профил на Фејсбук.

Македонскиот народен театар, пак, во 2021 соопшти дека со 1,2 милиони денари во рамките на Годишната програма на Министерството за култура започнала санацијата на проодната тераса која се наоѓа на северно-источниот дел од првиот кат на објектот. Со зафатот требаше да се надминат проблемите наследени од самото отворање на театарот, како и натамошното руинирање на објектот бидејќи при обилни дождови беше предизвикана материјална штета од протекување од терасата во главното фоаје.
Инаку новата зграда на МНТ беше отворена во 2013 година, а неговата изградба чинеше безмалку 40 милиони евра. Во меѓувреме претрпе и критики дека прокиснува.