Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, одлучи да ја назначи македонската поранешна вицепремиерка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за следна заменик-генерална секретарка. Ова е објавено на официјалната веб-страница на НАТО.
„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следна заменик-генерална секретарка. Таа вистински верува во НАТО, ја знае работата што е потребна за приклучување во Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа витална улога“, се наведува во изјавата на Руте.
Шекеринска претходно беше вицепремиер за европски интеграции и министер за одбрана на Северна Македонија, вклучително и пред влезот на земјата во НАТО-алијансата во 2020 година. Таа ќе ја преземе функцијата до крајот на годинава, се додава во информацијата објавена на страницата на НАТО.
„Политико“ во август годинава го објави името на Шекеринска како можен нов заменик-генерален секретар на НАТО. Постоел општ консензус дека жена од Источна Европа треба да биде назначена на оваа позиција, па во игра беа Шекеринска и поранешната вицепремиерка и еврокомесарка од Бугарија, Марија Габриел.