Министерството за образование му ги одзеде ингеренциите на Мерко за две школи во Драслајца и Подгорци

За две основни училишта во Струга одземени се ингеренциите на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, велат од Министерството за образование и наука (МОН).

Одземени се ингеренциите на Мерко на училиштата ‘Св. Климент Охридски’ во Драслајца и ‘Гоце Делчев’ во Подгорци, по основ на нереализирани обврски кои произлегуваат од закон – ненавремено објавување огласи за избор на директори и именување на директори кои не ги исполнуваат условите за вршење на должноста. Во двете училишта поставени се нови в. д. директори“, велат од МОН за САКАМДАКАЖАМ.МК..

На нашето прашање дали има процедура за одземање на ингеренциите на други школи, оттаму велат дека надзори се спроведуваат во повеќе училишта, но постапките се во тек.

Во Основниот суд во Струга се водат две судски постапки против струшкиот градоначалник, за незаконско поставување на директори во основни училишта. Едната постапка е за трите предмети кои се споени, за Подгорци, Лабуништа и Основното училиште (ОУ) „Браќа Миладиновци“ во Струга, а другата за училиштето во Велешта каде има повеќе обвинети кои се товарат за „Несовесно работење во службата“, а дел од нив се гонат и за кривичното дело „Фалсификување исправи“.

Основното јавно обвинителство Струга го товари струшкиот градоначалник за несовесно работење.