НОВА ИНВЕСТИЦИЈА ОД 8,5 МИЛИОНИ ЕВРА И 200 РАБОТНИ МЕСТА на германско холандска Бреинчајлд

Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави нова инвестиција која ја најави пред неколку недели, и посочи дека владата си стои на зборот.

Станува збор за германско холандска инвестиција кој ги потврдува нашите напори за развивање на економијата и иновациите на пазарот.

Компанијата Бреинчајлд  е компанија формирана како заедничко вложување на група инвеститори од Германија и Холандија кои што се практично глобален производител на висококвалитетна спортска опрема за спортови на вода и ветер. Брендот Бреинчајлд во Македонија има формирано две компании и тоа:

• Бреинчајлд Продукција и

• Бреинчајлд Производство.

Бреинчајлд Продукција е компанија која се занимава во активности за истражување и развој на новите производи, преку користење на уникатни репроматеријали, а со цел добивање на специфичен материјал кој е потребен за производство на опремата за спортови на ветер и вода. Малку поразлично од тоа што сме до сега навикнати. Инвестицијата е лоцирана во Битола, во постоечки објект со големина од 1500м2.

Инвестицискиот план вклучува вложувања во адаптирање на лабораторија за истражување и развој и набавка на нова современа опрема и машини. Согласно деловниот план, предвидено е компанијата да инвестира вкупен износ од најмалку 2.500.000 евра во период од 5 години, при се планирани околу 40-тина висококвалификувани нови работни места.

Бреинчајлд Производство од друга страна е компанијата која се занимава со сериското производство на опремата и елементите. Планот на сопствениците е да изградат целосно нов објект со големина од 3000м2 во индустриската зона Жабени кај Битола и да вработат околу 200 лица.

Според инвестицискиот планови, почетокот на градбата се очекува да биде во 2025 година, а во текот на следните 5 години да се заокружи инвестициски циклус од околу 8.500.000 евра или вкупно околу 11.000.000 евра. И покрај изградбата на новиот сопствен објект, целта на компанијата е да ја зачува и надградува постоечката лабораторија за развој на нови производи и производни процеси, како и за испитување и создавање на одржливи материјали.

Како дел од активностите за поврзување со локалната заедница, Бреинчајлд отвори специјализирана школа за шиење на напредни материјали која служи како своевиден тренинг центар за планираните активности на компанијата.

Покрај тоа, брендот Бреинчајлд е силно посветен на одржлив и еколошки процес преку користење на рециклирани материјали како суровини и процеси кои елиминираат некои стандардни производни пракси штетни за околината.

Продолжуваме понатаму да се бориме за секое работно место и за секоја инвестиција која ќе биде поткрепа на економијата, рече Мицкоски.