Дали ДУИ СЕ ЗАКАНИ СО ТЕНЗИИ по укинување на балансерот?

Според ДУИ можно е зголемување на тензиите откако беше укинат „балансерот“ за етнички вработувања.

Екс-министерот за економија, Крешник Бектеши, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека разговорите за датумот на најавените протести сè уште се во тек.

Тој нагласи дека законот за правична застапеност ќе добие поддршка само доколку ги гарантира правата на сите заедници.

„Не сакам да го коментирам овој закон, бидејќи негативно влијае на меѓуетничките односи во државата. Треба да се внимава при носењето на вакви сензитивни одлуки кои не ја водат државата напред, туку ја враќаат назад, пред Охридскиот рамковен договор, кога можеа да растат тензиите. За жал, ДУИ интензивно работи за тоа да не се случи, бидејќи наш приоритет е интеграцијата на државата во Европската Унија“ изјави Бектеши.

Обиди за дестабилизација имало и ќе има, бидејќи Демократската унија за интеграција не може да излезе со некој предлог за реформа во правосудството или економијата, лутајќи на патот од зелената трансформација до повторно милитантите, туку единственото нешто кое што мислат дека можат е да мобилизираат и злоупотребат луѓе на национални теми, посочи вчера премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање поврзано со тоа дали постои реален страв кај граѓаните за евентуална дестабилизација од страна на ДУИ по укинувањето на „балансерот“.

Нагласи дека на владина седница минатата година, членови на ДУИ ја усвоиле стратегијата за реформа во јавната администрација, која, според Мицкоски, јасно вели дека ќе има бришење на „балансерот“.

– ДУИ во опозиција го демантира ДУИ на власт. Мислам дека на 23 јули 2023 година, на владина седница членови на ДУИ, кои што додека играат фудбалчиња претпоставувам читуцкаат какви реформи носат, една од тие реформи е реформата во јавната администрација, каде што јасно вели дека треба да биде избришан „балансерот“. Сега кое ДУИ ја зборува вистината? Тоа кое што жонглира по канцеларии и гласа вакви реформи во јавната администрација каде што се брише „балансерот“ или ова ДУИ во опозиција кое што грчевито се обидува на национална тема да мобилизира луѓе и да направи протести по можност насилни и да ја дестабилизира Македонија со една цел да ги заштити парите коишто ги имаат натрупано овие 20 и неколку години додека беа дел од власта. Треба да им е јасно на граѓаните кое ДУИ ја говори вистината, дали тоа во 2023 година кога ја усвојува оваа стратегија за реформа во јавната администрација, која што јасно вели дека ќе има бришење на „балансерот“ или ова ДУИ во опозиција, палаво, кое што има многу пари и сака да ги заштити и не може да мобилизира луѓе, па злоупотребува и лаже на национални теми и го критикува ова ДУИ кое што гласало тогаш – рече Мицкоски.