Колумна на Латас: 27. април: Финале
Пукна првата пушка наа 11. октомври и Македонците се разбегаа на север и југ, Табановце и Богородица. Ќе бидат таму до недела навечер, да се смири ситуацијата во државава, а они да потрошат истераат уште еден продолжен викенд на раат.
Раатот и меракот се најскапа работа за Македонците. Нема цена која не се спремни да ја платат за тоа. Па, во таков амбиент, креирање, а особено спроведување, политика е прилично сложена работа кога од власта се очекува да обезбеди мерации и раат, а од граѓаните да се гледа сеир од страна и да не се учествува во реформите и санација на држава која е во фаза на распаѓање по заминување на заевизмот. Како да не е наша, како да е туѓа.
А, ако некоја група или движење, се дрзне да дигне глава и да погледне повисоко, над меракот и раатот, да си ја земе судбината во свои раце, да влезе во политиката дали во институции или од улица следи сеирот од страна: ако им тргне на лошо, исплукај ги и беси ги, ако им тргне на арно на крај приклучи им се и барај да те има во поделбата на пленот.
Заевистите го знаат ова. Затоа за народот седум години му вртеа забава со лажни афери, скандали, телефонски разговори, му го праеа меракот а на себе раатот. А нивниот раат е скап за нас.
Седум години имавме сеир народ кој гледаше како СДСМ и ДУИ доброволно власта ја препуштија на улицата и нивните “невладини“ за да си обезбедат раат во корупцијата со заштита дадена од нив. Во Собрание, во правосудниот систем, во економијата… кога немаат факти и аргументи нивните тези почнуваат: Невладиниот сектор смета дека тоа треба вака да се реши… и “решаваа“. Па тогаш зошто има избори ако во државата решава некој што нема ни знаење ни мандат да биде реална власт?! Нека владее Инквизицијата, со идеолошка тортура од улица, наместо Папата.
Најголемиот број Македонци го знаеше тоа уште во 2017-та., го препозна лудилото и корупцијата кај СДСМ и ДУИ и стравот кај себе. Искуствата од приватизацијата, од воената 2001, од највисоката корупција во Европа секогаш кога СДСМ има власт, од притисоците врз слободен говор во медиумите, јавноста и на социјалните мрежи… најавата за албанизација со Тиранската платформа, планот дека и на сила ќе се менува уставното име на државата и идентитетот… И, затоа, во 2017, се случија масовни демонстрации, познати како “За заедничка Македонија“, кога стануваше јасно дека ДУИ, за да си обезбеди слободна корупција, за пари, се подготвува да ги поништи резултатите на изборите од 2016-та на кои победи ВМРО ДПМНЕ, и да го октроира Заев и СДСМ како нова власт. Власт со опасен план, мизерен капацитет и без победа на избори.
Тие масовни демонстрации во зимата и пролетта 2017 ги предводеа граѓани, уметници и новинари: режисерот Борис Дамовски, актерите Владо Јовановски, Ванчо Петрушевски, Васил Зафирчев… новинарот Богдан Илиевски, оперскиот пејач Игор Дурловски… спортистите Кирил Лазаров, Индира Кастратовиќ… Друштво кое би било предмет на почит во секое општество. Прецизно – во секое нормално општество.
Кога на 27. април таа 2017-та во Собранието се случуваше пеење албанска химна при гласање за нова власт и влада без доволен број гласови, на сила, кога се газеше и по Уставот и по деловникот за работа на собранието и врз македонскиот идентитет во македонското собрание, стотици луѓе од протестите “За заедничка Македонија“ влегоа во парламентот. Стравот и гневот експлодираа.
Ништо ново не се случи. Влегоа и во 2001 кога претседателот Борис Трајковски, спикерот Стојан Андов, министрите Владо Бучковски и Љубе Бошкоски извршија капитулација на Македонија со повлекувањето на полициските и воени сили од Арачиново, скопското јадрото на УЧК, и со тоа дефинитивно предизвикаа капитулација на државата потпишана во Охрид. Никој не беше суден заради упадот во собранието, а упаѓаа и вооружени полициски резервисти, дојдени директно од Арачиново. Немаше насилство затоа што сите наведени политичари од тогашната власт избегаа од собранието уште кога почнаа протестите, иако кабинетите им ги растурија и искршија.
Но, луѓето кои влегоа на 27. април во собранието, иако не беа вооружени како во упадот од 2001-та, добија и до 15 години затвор. Добија врз основа на “докази“ од еден клучен “сведок“ и видео снимки дека, ете, биле во собранието вечерта на тој ден. Дека некои, потенцирано неколукимина од нив, биле насилни… што не е спорно, но – дека биле терористи, за тоа нема докази.
Дури и професори од Правен, кои беа учесници во Шарената револуција на заевистите, стручно оценија дека квалификацијата на обвинителството за тероризам е целосно неоснована. Дека се работи за брутален прогон и набивање страв од новата власт кај сите во јавноста.
Само еден човек имаше оружје и пукаше во собранието на 27. април 2017 година. Човекот е Сашо Тасевски, тогашен телохранител на Оливер Спасовски, кој пукаше во затворен простор, над глави на десетици луѓе иако во тој момент врши тешко кривично дело уште со самото незаконско внесување оружје во собранието, а потоа и со пукањето, Сашо Тасевски не одговараше за тоа, напротив. Таков каков што е, воспитно и политички запуштена личност, беше награден со функција директор за јавна безбедност (БЈБ) во МВР. Чекаме што ќе биде со неговата одговорност за ова?!
Судот реши: во март 2019 година 16 лица беа осудени на вкупно 211 години затвор! За тероризам. Највисока казна 18 години затвор доби министерот за внатрешни работи Митко Чавков затоа што не наредил сила и пукање врз луѓето што упаднале во собранието, а најмала Александар Василевски Нинџа, клучен сведок на обвинителството, кој доби 8 години затвор.
Потоа, видовме скриншотови од преписка помеѓу судијката Добрила Кацарска и обвинителката Русковска како договараат пресуди за обвинетите. Лично имам видено пар документи, кои ги криеле обвинителството на Јовевски и агенцијата за безбедност на Заев (АНБ), во кои “клучниот сведок“ децидно тврди дека зад упадот во собранието стои тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков и тројца негови први соработници. Потоа, ова сведочење е тргнато на страна, сокриено, а сведокот дал ново со релативизирање на фактите.
За правната постапка, криењето на овие искази и документи од страна на Обвинителството од судот и од одбраната е криминал и сосема доволен основ за – повторување на постапката. Имено, секој доказ на обвинителството мора да се стави на располагање на судот и одбраната, во спротивно, паѓа обвинението.
Јас уште истата таа вечер, на 27. април, не можев да најдам логика зошто постоеле неколкумина под црни маски кои провоцирале нереди?! Потоа се дозна дека биле од УБК на Мијалков. На ВМРО ДПМНЕ никако не му одговараше насилство во собранието. Јасно е дека ако странците решиле да премолчат воспоставување нова власт на сила, без кворум, кога веќе дошол часот да се изгласа како таква, никој во Европа и САД потоа нема да ја признае власта на ВМРО ДПМНЕ која следи по извршените насилства. А Македонија е мала, не може да издржи таков притисок од странство.
Но, како во секоја политичка интрига, а оваа е експлицитен пример за тоа, треба да се бара кој има корист од таквите настани во собранието? Никој од осудените за “тероризам“ таква корист нема. Освен еден-двајца, тие ни биле предтоа ниту би биле потоа во власта на ВМРО ако насилството на СДСМ и ДУИ врз Уставот се запреше, и тоа придонесеше за одбрана на уставноста.
Во сведочењето кое Обвинителството и АНБ го криеа со години, стои дека Сашо Мијалков бил на постојана врска со ДУИ, прецизно со Артан Груби и Талат Џафери. Никој од ДУИ не е нападнат во собранието, иако тие се стартот на провокацијата за упад со пеење албанска химна во парламентот.
По преземањето на власта од страна ДУИ и СДСМ Сашо Мијалков имаше постојана координација и соработка со СДСМ и ДУИ, лични релации со фамилијата Заеви и поддршка да им се раздолжи со привлекување пратеници од ВМРО ДПМНЕ да гласаат за уставните промени и за пучот во ВМРО со нерегуларен конгрес за смена на Христијан Мицкоски и Александар Николоски. Зад сето тоа стои Сашо Мијалков, заедно со “амнестираните“ Ивица Конески и екс министерот Никола Тодоров за кои новата власт на Заев “имаше разбирање“ и соодветна мотивација за нив.
И, ако соберете два и два, нема друг логичен и исправен резултат освен четири, или дека насилствата во собранието се директно од интерес и под контрола на СДСМ и ДУИ во соработка со неколкумина потоа “амнестирани“ моќни луѓе од тогашната власт на ВМРО ДПМНЕ кои, заедно, организирале насилства за да се запечати иднината на ВМРО ДПМНЕ и да им се натовари дома и кај странците дека, како такви, насилни, се спремни за отстрел и газење. Тоа и се случи, тоа и се тераше седум години.
Но, како што вели мудроста: Тоа што не ме убило ме прави посилен. А ВМРО ДПМНЕ и сите кои ја поднесоа тортурата на заевизмот – преживејаа. Посилни од вчера. И попаметни за да ни стане јасно зошто СДСМ со години не прашал од каде му се на Сашо Мијалков барем 30 стана стекнати додека бил на власт, како ни огромните канцеларии на Никола Тодоров и Ивица Коневски, како ни што е со двајцата “адвокати на мафијата“ и една “вмровска“ судијка во Врховиот суд и нејзиниот пријател адвокат која СДСМ ја частење со “амнестија“ и со ангажман за синот во СЈО.
Од новата власт на заевистите сите набројани, а и неколку ним блиски, добија награда и “амнестии“. Сите други скапо го платија пазарот кои тие го имале со заевистите.
Од оваа временска перспектива сиот тој заевизам изгледа како филм. А филмот на крај мора да има разврска согласно причините од претходните дејствија во него. Финалето за 27 април е – повторно судење, со ново и реално обвинение и согласно законот и судската пракса. Ако сакаме да видиме држава – ете шанса.
Д.П. Латас
(11.10 2024)