Ниту денар нема да се одлее од Буџетот за ЕСМ, своите обврски ќе треба да ги плаќа самата, па и со кредити од банки!

Државната ЕСМ нема веќе да добива пари од државниот буџет, туку своите обврски ќе треба да ги плаќа самата, па и со кредити од банки. Ова денеска го изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

– Ниту денар нема да се одлее од Буџетот за ЕСМ, а компанијата може да си земе заем од банките за своите обврски. Ако имаат програма и визија, тогаш банките ќе го сменат мислењето за компанијата. АД ЕСМ е буквално уништена од претходната Влада и сега новото раководство полека се реорганизира за да застане на нозе. Овие напори банките ги препознаваат и мислам дека ќе имаат бонитет за да си земат кредит – рече Димитриеска Кочоска.

ЕСМ е во лоша состојба, а за да се стабилизираат состојбите, извесно е дека компанијата ќе мора да се задолжува со кредити од домашните банки. Колку пари ќе требаат, зависи од тоа колку струја и јаглен ќе треба да увезе за да ја помине зимата.

Од почетокот на годинава заклучно со 15 октомври ЕСМ потрошила околу 31,7 милиони евра за набавка на струја.

Претходната влада во неколку наврати одвојуваше пари за покривање на потребите на ЕСМ со цел да обезбеди поевтина струја за граѓаните.