Најмалку двајца загинати во ураганот „Милтон“ на Флорида, два милиони луѓе без струја

Најмалку две лица загинаа во округот Сент Луси на брегот на Атлантикот на Флорида, изјави шерифот на округот, Кит Пирсон.

Пирсон процени дека повеќе од 100 домови во округот се уништени од ураганот „Милтон“, објави Ен-Би-Си Њуз.

Претседателот Џозеф Бајден го повика населението на Флорида да се евакуира.

Локалните власти и членовите на Националната гарда на Флорида им помагаат на погодените од ураганот.

На Флорида повеќе од два милиони луѓе останаа без струја поради ураганот. Канцелариите на Националната метеоролошка служба на Флорида издадоа повеќе од 130 предупредувања за торнадо од синоќа. Експертите велат дека појавата на торнада пред и за време на ураганите не е невообичаена, но дека моќта на торнадата може да биде силна. Флорида има повеќе торнада на квадратен километар од која било друга држава.

Речиси 100.000 луѓе беа сместени во центрите за евакуација низ Флорида синоќа, изјави извршниот директор на Одделот за управување со вонредни состојби на Флорида, Кевин Гатри. Тој додаде дека вчера попладне имало околу 220.000 легла.