Реакција од МЕПСО: Во голема паника, ДУИ вeќе почна да ги напаѓа кадрите на Зијадин Села

„Јавната набавка за хортикултурно уредување, е постапка која ја распишала и ја спровело претходното раководство на АД МЕПСО и наша определба е да не се потроши ниту еден денар за овој целосно непотребен трошок“, реагира компанија, по објавата на ДУИ дека новиот директор Бурим Љатифи потрошил 15.000 евра за набавка на калемени рози.

„Потребата за ваква набавка е наведена во планот на јавни набавки за 2024 година, истата е објавена во месец мај а одлуката за избор на најповолна понуда е донесена на крајот на јули од страна на менаџерскиот тим во заминување. Бидејќи постапката беше во финална фаза, а соочени со можноста од правни последици, АД МЕПСО ја потпиша истата. Инаку станува збор за рамковна спогодба склучена за временски период од 12 месеци што значи дека не постои обврска за искористување на средствата“, се вели во соопштението на МЕПСО.

Новиот менаџерски тим оценил дека набавката за хортикултурно уредување не е неопходна и за истата нема да се доставуваат нарачки. „До овој момент не постојат финансиски импликации по однос на оваа спогодба и уверуваме така ќе биде до истекот на спогодбата“, се вели во соопштението.

МЕПСО смета дека „ денешната прес конференција е само блед обид на ДУИ преку напади на кадрите на Села, компанијата да ја вовлече во партиски препукувања“.

„Инаку ова не е прв пример за непотребно трошење пари од страна на претходниот менаџерски тим ако се знае дека од буџетот на компанијата се трошеле пари за донации и спонзорства и таму каде што не било неопходно при што за оваа намена буџетот е пречекорен за околу 10 милиони денари“, се вели во реакцијата на МЕПСО.