Муцунски: Неопходен е праведен и транспарентен процес на евроинтеграција заснован на меѓусебна почит

Процесот на нашата евроинтеграција сè уште е попречен од пречки кои изгледаат сè повеќе неправедни, и тоа не само што ја тестира отпорноста на институциите, туку и трпеливоста на народот, истакнал министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во обраќањето пред делегациите на земјите членки на Советот на Европа, во рамки на есенската сесија на Парламентарното собрание на СЕ, која се одржува од 30 септември до 4 октомври во Стразбур, соопшти МНРиНТ.

– Замислете го разочарувањето на една нација која направила сè што е побарано од неа, само за да ѝ се каже дека целта е сè уште недостижна.

Како да се задржи надежта кога чувствувате дека самите принципи на Европската Унија – солидарност, правда и единство – се применуваат нерамноправно?“, нагласил министерот во своето обраќање.

Но, и покрај долгиот процес на интеграција, посочил Муцунски, Владата останува посветена на темелните реформи и принципите врз кои се заснова членството во Унијата.

– Нема да дозволиме овие неправди да поттикнат евроскептицизам или да создадат наративи за жртвување.

Наместо тоа, ќе продолжиме да се бориме за нашето заслужено место во Европа, водени од вербата дека правдата на крајот ќе победи.

Патот можеби е долг, но ние остануваме посветени на вредностите што ги претставува Европа и ќе продолжиме да се залагаме за процес кој е праведен, транспарентен и заснован на меѓусебна почит, рече Муцунски.

Потсети дека следната година ќе одбележиме 30 години членство во Советот на Европа и 20 години откако Европскиот совет донесе одлука за доделување кандидатски статус на земјава за членство во ЕУ.

– Овој период беше време на несомнена трансформација, во кој соработката со Советот на Европа одигра значајна улога во спроведувањето на реформските процеси и исполнувањето на европските стандарди во клучните области.

И покрај сите предизвици на патот кон членството во ЕУ, комплетирањето на проектот за европско интегрирање за нас е неминовно, а брзината на овој процес во голема мера зависи од предвидливоста и кредибилноста на ЕУ пристапниот процес, нагласи министерот Муцунски.

Обраќањето на шефот на дипломатијата во Стразбур, одржано на покана на претседателот на Парламентарното собрание, Теодорос Русопулос, било проследено со размена на прашања и одговори со пратениците.

Во своето излагање, министерот Муцунски се осврнал на актуелните кризи и предизвици со кои се соочува европскиот континент, како што се руската воена агресија врз Украина, последиците од пандемијата, економската криза, демократското назадување, растот на екстремизмот и дезинформациите, трговијата со мигранти, како и влијанието на климатските промени и новите технологии.

Притоа, тој ја истакнал важноста на Советот на Европа и нејзините правни инструменти и мониторинг механизми за надминување на овие предизвици, со посебен акцент на нивното влијание врз човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Во тој контекст, ја нагласил улогата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и важноста на зајакнување на системот на Европската конвенција за човекови права, особено имплементацијата на неговите пресуди од страна на земјите членки.

са/ев/Фото: МНРиНТ  .

Извор: МИА