Бугарите се вознемирија од Николоски: Сега подготвуваат и декларација за неговите изјави

Бугарската партија Преродба, на Костадин Костадинов, кој е познат по своите контроверзни ставови и позиции кон Македонија, подготвува декларација која ќе биде поднесена во бугарскиот парламент на усвојување. Декларацијата се однесува на изјавите на македонскиот вицепремиер Александар Николоски.

„Подготвивме декларација, ќе ја доставиме до парламентарната Комисија за надворешна политика и ќе побараме да биде свикан вонреден состанок“, изјави Костадинов во парламентот.

Според него, Бугарија мора да ги информира своите партнери во ЕУ за тоа што се случува од другата страна на границата.

„Да се информира дека се саботираат политиките на цела Европа, како и Коридорот 8. Вчера изјавивме дека кога некој сака да биде во заедничкиот европски дом дека мора да ја почитува политиката на тој дом. Еден од условите е да имаш политика на добрососедство“, нагласи Костадинов и додаде дека со Македонија постои договор за добрососедство и пријателство кој, според него, отворено се прекршува.

Разбираме дека тоа е политика на свесно барање провокации и дека во тој контекст нашата влада игра многу добро, рече Костадинов.

„Во овој случај треба да помогне и Народното собрание, бидејќи сметаме дека како законодавна институција треба говорот да е умерен и дипломатски, без да навлегуваме во тоналитетот на спротивната партија“, рече лидерот на Преродба.

Инаку, деновиве македонскиот вицепремиер Александар Николоски неколку пати даде изјави во кои како нецивилизиран и смислен потег со јасна цел го оцени неистакнувањето на македонското државно знаме на средбата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија. Николоски оцени дека оркестрираните напади врз него и врз македонската Влада се хистерични изјави на неуспешни и коурмпирани бугарски политичари од кризното бугарско општество.