НЕ СИТЕ ХЕРОИ НОСАТ НАМЕТКИ: Ѓорѓиевски со благодарност до локалните жители кои се вклучија во гаснењето на пожарот во Расадник
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски изрази голема благодарност до локалните жители кои активно и несебично се вклучија во гаснењето на пожарот кој пред неколку дена го зафати Расадник.
-Не сите херои носат наметки, истакнува Ѓорѓиевски.
-Пример за тоа се овие храбри момци, наши соседи и пријатели кои рамо до рамо, заедно со мене и противпожарните екипи на градот Скопје се вклучија во гаснењето на големиот пожар кој го зафати Расадник во Кисела Вода. Нештедејќи се себеси, својот живот, пожртвувано и храбро се бореа со пламените јазици спасувајќи ги нивните и домовите на своите соседи. Вашиот влог е поголем од херојство. Благодарам за несебичната битка и напорот во справувањето со пожарот. Благодарам до сите вас, подеднакво! Во мое име, во име на општината и жителите, овие локални херои покрај благодарници ќе добијат и симболична парична награда во знак на почит за нивната пожртвуваност, објави градоначалникот на општината.
Тој порача да се држат заедно бидејќи така се посилни, да се гледаат за убави работи, а Кисела Вода е горда на нив.