Детска болница „Козле“ со демант по лагите на СДСМ: Непречено ги реализираме сите здравствени услуги за педијатриските пациенти
Директорката на ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје, Каролина Симоновска, ги демантира информациите кои денес портпаролката на СДСМ ги изнесе на партиска прес-конференција.
-ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, непречено ги реализира сите здравствени услуги за педијатриските пациенти. Во однос на денешните обвинувања во јавноста, одговорно информираме дека клиниката има комплетен тим за изведување на бронхоскопија со соодветна стручност на највисоко ниво за проблематиката која ја работи. Во тимот е бронхоскопист-орл специјалист кој е со докажани успеси со децении наназад, материјали за бронхоскопија има и се набавуваат согласно потребите на клиниката, вели таа.
Директорката посочува дека нема застој во ниеден оддел или сектор во клиниката и се функционира како и претходно во нормални услови за работа.
-Универзитетската клиника уште еднаш укажува дека заради специфичната дејност која ја обавува и е во интерес на пациентите, не ни е потребен партиско-медиумски негативен публицитет. Исто така ја уверуваме јавноста дека секогаш и во секој поглед, стручниот тим на лекари е подготвен да реагира на највиско ниво и стандарди, потребни за една Универзитетска клиника, посочи таа.