Мицкоски: Отворен јавниот повик за општините, апелирам што повеќе градоначалници да учествуваат на овој повик

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес конференција истакна дека отворен е јавниот повик за општините за инфраструктурни проекти.

Како што порача, за оваа цел наменети се 250 милиони евра, а право за поднесување имаат општините, општините во Град Скопје и Градот Скопје.

„Испраќам апел што е можно повеќе општини независно од политичката провиненција на градоначалниците да учествуваат во овој повик. Ние сме Влада на сите граѓани, и нашата цел е да се подобри животот на сите граѓани“, порача Мицкоски.

Мицкоски вели дека во минатото се правеле вакви проекти во Градот Скопје, но не во сите општини во толкав обем како што е замислата на овие 250 милиони евра.

„До крајот на годината, со овој повик се ставаат во употреба 6 милијарди денари и ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари за капитални проекти. Одблиску ќе ја следам реализацијата на проектите, а процесот ќе биде целосно транспарентен и на увид на граѓаните“, додаде Мицкоски.

Свое обраќање на прес конференцијата имаше и министерот за локална самоуправа Златко Перински:

Ветивме развој на општините, тоа и го остваруваме. Задоволство ми е да најавам дека денес го објавуваме јавниот повик за финансирање на проекти од инфраструктурен карактер кој што е наменет за сите единици на локална самоуправа во висина од 6.000.000.000 денари, средства коишто се обезбедени согласно ребалансот на Буџетот, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Општините можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.

Јавниот повик е веќе отворен и објавен на веб страната на Министерството за локална самоуправа и на веб страната на Владата, и објавен во два печатени медиуми.

Рокот за пополнување на апликативниот формулар е 7 дена и истиот пополнет со предлог проекти од страна на општините треба да се достави до Министерството за локална самоуправа.

Потоа во рок од 10 дена, целосната проектна документација, од страна на општините, се доставува до ресорното министерство од областа на проектот, каде што ќе се врши и евалуација на истиот.

Евалуацијата се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на Владина седница.

Средствата ќе се доделат преку 6-те ресорни министерства соодветни од областа на проектите и тоа:

-Министерството за култура и туризам;

-Министерството за транспорт;

-Министерството за социјална политика, демографија и млади;

-Министерството за образование и наука;

-Министерството за животна средина и просторно планирање и

-Министерството за спорт

За следење на целиот процес, формирано е владино координативно тело, кое што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства.

Со објавата на повикот, Владата го исполни своето ветување, сега се на потег општините. Како никогаш досега единиците на локалната самоуправа имаат можност да ја унапредат својата инфраструктура и на тој начин директно да влијаат во подобрување на квалитетот на живот на нивните граѓани“, изјави Перински.