ЈО отвори предмет по пријава од Александар Николоски за спорната пресуда за Телеком
Јавното обвинителство отворило предмет и го распределило кај јавен обвинител од ОЈО Скопје по пријавата која до нив ја достави вицепремиерот Александар Николоски за спорната пресуда за Телеком.
Од Oбвинителството потврдуваат, но велат дека во оваа фаза не можат да откријат повеќе детали за постапката која ја водат.
Според информации на Прес24, и Судскиот совет веќе изготвил извештај и за него ќе расправа на утрешната седница откако до нив со претставка се јави Макеоднски телеком.
Компанијата бараше судиите да утврдат нестручност и несовесност кај судиjка од скопска Апелација која ја преиначила пресудата на Граѓанскиот Суд и која и наложила на компанијата да плати 4 милиони евра штета на човек-фирма од Штип за спор кој трае повеќе од една деценија.
Македонски Телеком во претставката тврди дека врз судот имало недозволени влијанија, дека пресудата е донесена без факти и докази и дека во неа се наведуваат елементи кои воопшто не биле изведувани како докази во постапката и кои веруваат дека до судот се доставувани по поинакви канали на комуникација.
За случајот осамна и соопштение на веб страната на Апелациониот суд во кој се бранеше донесената пресуда за неколку часа подоцна судот да се огради од објавеното соопштение и да посочи дека тоа е личен став на судиите кои ја носеле пресудата.