Претходна власт испланирала 20 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА КИЛОМЕТАР, ЌЕ СЕ РЕВИДИРА автопатот кон Блаце, информираше Николоски

Изградбата на автопатот Скопје Блаце односно кон границата со Косово, ќе се ревидира, затоа што проекциите на претходното раководство на Јавното претпријатие „Државни патишта“ велат дека тој ќе чини 240 милиони евра, односно 20 милиони евра по километар, рече министерот за транспорт Александар Николоски денеска како одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата

– Станува збор за одбрана нова планинска траса од 12 километри, од кои шест километри се тунели. Вредноста е 240 милиони евра, 20 милиони по километар.  Се прави ревизија со „Државни патишта“ да видиме дали е изводлив овој проект, да видиме дали сепак би можеле да ја користиме постојната траса, рече Николоски.

Тој дополни дека средствата од кредиторот ЕБОР не се доволни за да се изгради автопатот по оваа цена.

– Ова прв пат го кажувам во јавност. За месец и половина очекувам да излеземе со решение, додаде министерот.

Тој додаде дека членовите од неговиот ресор како и од Македонски жќлезници Инфраструктура се повлекле од евалуациската комисија за избор на изведувач на третата фаза од пругата кон Бугарија.

Требаше да се избере компанија која за 500 милиони евра треба да ја доврши пругата до Бугарија, но според Николоски, речиси сите добиени понуди (вкупно седум) пристигнале од несериозни изведувачи. Од друга страна, изградбата на пругата би продолжила кога Бугарија би го третирала проектот „Коридор 8“ како заеднички.