„Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители СЕ СИМБОЛ НА НЕПОТИЗАМ И ПАРТИЗАЦИЈА, А ВИДОВМЕ И КОРУПЦИЈА“
Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители се симбол на нестручност, непотизам, партизација – наместо да загребат во суштината на проблемите во правосудниот систем, членовите на овие највисоките судски инстанци уживаат во својот комфор, додека граѓаните се чувствуваат обесправени бидејќи во оваа држава правдата може да се купи со пари. Според антикорупционерот Воислав Зафировски колку побрзо се распуштат овие две институции, толку побрзо ќе започнат промените и конечно враќање на довербата во судството.
Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се институции партизирани кои афирмираат непотизам, нестручност а видовме дека добар дел има и корупција. Онаа народната рибата смрди од главата е точна, и редот е за прв пат во Македонија да се чистат нештата од главата, од врвот. Сами знаете дека клучни институции се овие, промените мора да започнат од таму. Погледнете го составот на РСС и РСЈ ќе видите дека има луѓе без доволно судско искуство, од соработнички места влегле во овие највисоки судски инстанци, мора итно да се итнервенира. Колку побргу се распуштат, толку ќе ни биде попристапен просторот да се направат реформи кои ќе значат квалитетна промена. 2 % доверба говори за односот на граѓаните кон судската власт и тие што ја менаџираат, вели поранешниот претседател на Државната комисија за спречување на корупција.
Членови на судскиот и обвинителскиот совет треба да бидат исклуиво луѓе со интегритет и дигнитет. Без црна дамка на нивниот професионален лик, а со многу искуство и знаење – луѓе кои ќе направат се, граѓаните повторно да се почувствуваат безбедни што живеат во општество каде никој нема да му пркоси на законот, каде секој што ќе се огреши, ќе одогвара – без спогодби и без политички влијанија.
Единствен начин да се променат работите е да се изберат луѓе кои ги поминале сите судски инстанци кои имаат акумулирано искуство и знаење, а да немаат зад себе некоја афера нешто што го оцрнува нивниот професионален лик. Ако се изберат луѓе со интегритет и дигнитет тогаш политиката и да сака нема да може да врши влијание. Судската власт е третата власт, која е самостојна и независна и мора така да се постави да може да ги менаџира работите во судството. И на сите граѓани ќе им се пружи правда. А не да се купува. Колку луѓе се оштетени, не стигнале до правда. Знаете зошто. Бидејќи некои имаат можност да купат правда и ги обесправиле другите, додава Зафировски.
Случајот со куќниот притвор за командантот на УЧК кој се гони за воени злосторства, одреден од страна на судијата Пајазит Пајазити поради што Блерим Рамадани побегна во Косово, до толку повеќе ги разгневи експертите и македонската јавност која уште еднаш се увери во непрофесионалноста на македонските судови.
Свежи се сеќавањата и за аферата на земање поткуп и тргување со влијание, во кои беа вклучени врховниот судија Наќе Георгиев и потпретседателот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети. Според Зафировски, Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, сеуште се ретроградните алатки во рацете на рецидивите од минатото.