Тошковски му одговори на Кривичен, па и се обрати на јавноста: Внимателно да се следи случајот, неговиот исход ќе биде од суштинско значење за правдата и довербата во судскиот систем
Пет дена по бегството од куќен притвор на некогашниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, се огласија од Кривичен суд со факти во врска со екстрадиционата постапка за него.
Според Судот, тие постапиле според законите и судската пракса, додавајќи дека не биле исполнети условите за екстрадиција. Топката за бегството на Рамадани, кое се случи два ден по истекувањето на куќниот притвор, од Судот ја префрлија на Министерството за внатрешни работи.
По ова со реакција се огласи и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој изнесува факти, како што вели, имајќи предвид дека случајот со екстрадиционата постапка за Блерим Рамадани предизвика голем интерес кај јавноста.
–Факт број 1: Кривичниот суд определи куќен притвор за странец кој беше уапсен по меѓународна потерница од Интерпол.
Факт број 2: Согласно член 163 став 5 од Законот за кривична постапка, „судот врши надзор над куќниот притвор, а надзорот може да го довери на полицијата, определувајќи го и начинот на неговото извршување“.
Факт број 3: Во овој случај, во решението за куќен притвор на предметното лице, судот определил дека надзорот над куќниот притвор се доверува на МВР, СВР Скопје, ПС ОН Чаир, притоа не определувајќи го начинот на извршување, иако тоа е законска обврска согласно горенаведената одредба од членот 163.
Факт број 4: Во моето повеќегодишно искуство како адвокат, се имам сретнато со решенија за определување на куќен притвор каде прецизно било определено на кој начин да се извршува надзорот од страна на полицијата.
Факт број 5: Согласно досегашната воспоставена пракса, добропозната за Судот, при извршување на мерка “куќен притвор“, полицијата не го обезбедува 24 часа домот каде се извршува мерката, туку повремено, во определени временски интервали, ненајавено го проверува присуството на лицето во неговиот дом. И покрај тоа што судот не го определил начинот на вршење надзор, од страна на СВР Скопје во повеќе наврати биле вршени проверки, при што последната проверка е извршена на 13.08.2024 година, кога лицето било на предметната адреса, за што од страна на полициските службеници е изготвен и соодветен службен материјал, објави Тошковски на Фејсбук.
Министерот ја повика јавноста особено стручната фела, внимателно да го следи овој случај, бидејќи неговиот исход ќе биде од суштинско значење за воспоставувањето на правдата и довербата во судскиот систем во Македонија.