ЦУК: Во напорна акција, на тешко пристапен терен, пронајдено и спасено претходно исчезнато лице кај с. Бекирлија

Исмаил Муратов (35) од Дорфулија кој од петокот вечерта беше исчезнат, попладнево бил пронајден во безсознание покрај реката Брегалница, кај селото Бекирлија, на територијата на Општина Лозово. Тој со хелихоптер веднаш бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

„Во исто време, додека низ државата беснеат многубројни пожари се одвиваше напната спасувачка потрага и мисија, покрај реката Брегалница, југозападно од овчеполскиот врв Богословец, во атарот на селото на Атиџе од Медена Земја, с. Бекирлија, најпрво во животнозагрозувачка состојба беше пронајдено а потоа и спасено 35 годишно исчезнато лице од с. Дурфулија, општина Лозово кое на носилки беше пренесено преку реката Брегалница а потоа качено во хеликоптер и пренесено до Државната болница во Скопје“, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Ангелов посочува дека со помош на градоначалникот на општина Лозово Бошко Цветковски и локалното население, како и полициски тим со помош на дрон и тим од ЕБР е пронајдено исчезнатото лице, во полусвесна состојба, без можност да комуницира. Имало тешкотии тимот на Брза помош да стигне на лице место, бидејќи било тешко да се премине реката. Со помош на полициски хеликоптер повредениот е извлечен.

– Имавме помош од дронови, педа по педа пребарувавме, се надеваме дека лицето ќе биде во ред. Во болница е, откако е пронајден на тешко пристапен терен каде што не може да се оди пеш, се одело покрај реката, а лицето беше пренесено преку река координирано, рече Цветковски.


Цветковски претходно објави дека на исчезнатиот му се губи секаков траг од петокот доцна попладне.

„Повеќе од 24 часа е исчезнат наш сограѓанин, на кој во 20:30 часот, сношти му се губи секаков траг.. Имено станува збор за Исмаил Муратов кој последен пат е виден во близина на базентот кој служи за водоснабдителниот систем за питка вода во населено место Дорфулија.. Денес во организираните потраги темелно беше пребаран теренот кој се наоѓа во близина каде беше пронајдена торба со храна и вода за која се претпоставува дека е негова, но за жал не успеавме да го пронајдеме.. Затоа ќе ги замолам сите полнолетни граѓани кои сакаат да учествуваат во потрага на овој наш сограѓанин, УТРЕ (денес), ВО 07:00 ЧАСОТ ДА БИДАТ ВО ЦЕНТАРОТ НА С. Дорфулија и со себе да си земат вода и чизми бидејки ќе се оди до тешко пристапен терен Се гледаме утре!!!“, објави Цветковски на социјалните мрежи.