Пандов поднесе пријава за неправилности во Шутка

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, до Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава за неправилности и законски прекршоци во затворот Скопје, познат како истражен затвор Шутка. Тужбата е поднесена до одделението за гонење на кривични дела сторени од полицијата и затворска полиција. Не се соопштуваат повеќе детали за тужбата, но неофицијално се однесува на поранешниот директор Филип Андов-Сокол и дел од чуварите. Во меѓувреме, Пандов ги отфрла обвинувањата дека на затворениците за 27 април им одредил привремен прекин на казната. Според него, се е засновано на лекарски решенија и упатства, а такво право ќе ужива секој што поседува такви потврди.

Зборувајќи за условите во затворите и недостигот на соодветна медицинска помош заедно со бројот на осуденици кои со години боледуваат од тешки хронични заболувања, но не можат да ја прекинат казната, Пандов вели дека такви случаи нема. Според него, од Министерството за здравство ќе се бара да ангажираат дополнителни лекари во затворите.

Од 2020 година, односно од почетокот на пандемијата до сега, во затворите во земјава се евидентирани 5 смртни случаи. Најголемата поплака на членовите на семејствата отсекогаш била суровите услови за недостиг на медицинска служба во поправно-казнените домови.