Јаневска за Канал 77: Квотите на факултетите догодина ќе се дефинираат врз основа на анализа на пазарот на трудот

Од следната година квотите на високообразовните установи ќе се дефинираат врз основа на анализа на пазарот на трудот и податоци кои ќе ги добиеме од Агенцијата за вработување и други институции, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

„Оваа година немавме време да интервенираме во конкурсот, бидејќи истиот веќе беше подготвен од претходното раководство, а поради краткиот рок новата Влада мораше да го усвои без можности за корекции. Но, анализата е почната. Одредени квоти мора да се редуцираат, на пример на Македонија не и требаат толку многу правници, а и требаат наставници по математика, физика, хемија и ние ќе ги стимулираме младите со стипендии да ги одбираат дефицитарни занимања“, потенцираше Јаневска, нагласувајќи дека се размислува за воведување на приемни испити на сите високообразовни установи, но за тоа дополнително ќе се дискутира.

Јаневска се осврна и на буџетот за наука, кој, како што рече, Владата има намера да го зголеми од сегашните 0,3% од бруто домашниот производ на 1% и дека тоа етапно ќе се случува.