Оти Скопје се дави во ѓубре? Од 40 лица пријавени за ноќна смена, само двајца собираат, а сите земаат плата

Сите вработени во ЈП Комунална хигиена, кои не доаѓаа на работа, скопската градоначалничка за да се покаже пред јавноста ги избрка, но ги замени со други вработени кои исто така не одат на работа, откри во поткастот „Претрес“ Умејр Муамеди, поранешен советник на Данела Арсовска. Зборувајќи за ѓубрето низ главниот град, скопското комунално претпријатие и односите на Арсовска кон вработените, Муамеди, кој во тој момент вршел и комунални инспекции за состојбата низ Скопје, вели дека Арсовска исто така ја избркала директорката Косана Мазнева само затоа што била убедена дека работи против неа, иако, според него, таа многу добро раководела.

Во ноќна смена се пријавуваат повеќето од вработените, но не одат сите на работа. Плати земаат повеќе од другите, а на пример во Чаир имаше пријавено 40 лица за ноќна смена, а само двајца собираат ѓубре. Каде се другите? Оние вработени што ние ги гледаме како собираат и одат зад камионите и работат на +40 степени, се луѓе што земаат најниска плата, а овие „лордовите“ не одат на работа и земаат многу повисока плата, вели Муамеди.