Солзите на возачот ја отворија Пандорината кутија – колку е безбеден јавниот превоз во Скопје?

Солзите на возачот кој удри во жардиниера и рече дека расипаните автобуси никој не ги поправа го отвори прашањето колку е безбеден јавниот превоз во Скопје.

Само вчера, при редовна контрола, полицијата открила два автобуси кои возеле, а не биле исправни.

На вонреден технички преглед упатени се два автобуси кои вршат јавен превоз на патници од кои еден сопственост на ЈСП – Скопје и еден сопственост на приватните превозници кај кои при извршената контрола констатирана е техничка неисправност, при што истите се исклучени од сообраќај, велат од МВР за „Сител“.

Од ЈСП за телевизијата велат дека секое возило на ЈСП Скопје вклучено во јавниот превоз по враќање од линија, односно по повлекување во гаража е подложно на т.н. дневна нега, која, меѓудругото подразбира и мини технички преглед, што значи, практично, исправноста на возилата се прегледува секојдневно.

За три месеца возилата на ЈСП имале дури 49 сообраќајки. Според извештајот на јавното претпријатие, за период од јануари до крајот на март годинава, 9 од незгодите се случиле по вина на возачите, а во 19 виновен бил друг учесник во сообраќајот. Интересно е тоа што во најголем дел од случаите, стои дека не е утврдена вина. Во незгодите вкупно повредени биле 10 лица.